СДСМ: За два „телевизора“ Груевски потрошил 900.000 евра од буџетот

0
1361

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска обвини дека за два месеци премиерот Никола Груевски потрошил над 900.000 евра од државниот буџет за набавка на ЛЕД екрани за, како што велат од партијата, „рекламирање на неговите виртуелни политики“.

„Минатиот месец, на 30 октомври Груевски склучил договор за ЛЕД екран и негова монтажа од околу 340.000 евра. Овој месец, на 17 ноември, распишан е нов тендер за нов ЛЕД екран тежок неверојатни над 520.000 евра. Еден ден подоцна, на 18 ноември, објавен е уште еден тендер за монтажа на половина милионскиот ЛЕД екран. За тоа Груевски ќе извлече од граѓаните уште 58.000 евра народни пари. Додека 1.000 рударски семејства месецов останаа без егзистенција, над 180.000 граѓани живеат со 40 денари на ден, примателите на социјална помош живеат со 22 денара на ден, 500.400 граѓани на Македонија живеат под линијата на сиромаштија, Никола Груевски ќе потроши над 900.000 евра за два телевизора“, стои во соопштениот на СДСМ.

Според СДСМ, ЛЕД екранот, вреден околу половина милион евра ќе биде поставен на палата АСНОМ, во која е сместен Секретаријатот за европски прашања, додека за другиот засега нема информација каде ќе биде поставен.