СДСМ: Груевски е фабрика за криминал во огромни количини

0
1121

Проектот „Вистината за Македонија“ ја покажа вистината за криминалното владеење на Никола Груевски,братучедот Сашо Мијалков, фамилијата и нивното „дил ориентед“ друштво, стои во реакцијата на СДСМ по писмената изјава на премиерот Никола Груевски по повод т.н. случај „Фабрика за афери“, каде првиот човек на владата кажа дека „Македонија е заложник на лудилото на неколку луѓе од опозицијата“.

„Додека граѓаните осиромашуваа Никола Груевски цели 10 години мислеше само на бизнисите на фамилијата, матните зделки на братучедот Мијалков, на тендерите за споменици вредни 630 милиони евра, на мерцедесот од 600 илјади евра, на парцелите на Водно, на милионските провизии…Тоа не е политика, тоа е криминал! Груевски е фабрика за криминал во огромни количини! Затоа најголем кошмар за Никола Груевски е Специјалното јавно обвинителство, Анкетната комисија, истрагите коишто се водат, Договорот од Пржино“, враќаат од СДСМ со реакција.

Според социјалдемократите, грабањето и богатењето на фамилијата на сметка на граѓаните довела до тоа 626.312 граѓани да ја напуштат Македонија поради невработеност и лоши услови за живот. Никола Груевски, Сашо Мијалков, фамилијата и соработниците, велат од СДСМ, знаат колку длабоко се навлезени во криминални и корупциски скандали за коишто ќе мора да одговраат.

„Бегање од одговорност нема да има. Секој што го прекршил законот ќе одговара. Груевски тоа многу добро го знае и затоа е во паника и страв. Затоа Никола Груевски побегна од граѓаните и зад затворени врати побара да сведочи во Анкетната комисија. Граѓаните одамна не го трпат Груевски туку ја очекуваат неговата оставка и бараат одговорност.Македонија тргна по незапирлив пат кон промени и промените ќе се случат. Во оваа држава ќе се врати правото и правната држава. Збогум Никола!“, стои во реакцијата на СДСМ.