СДСМ: ЈО реагира само кога се во прашање интересите на Груевски

0
1324

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија очекува од Јавното обвинителство да спроведе професионална, законска истрага и да утврди кој и со каква цел фалсификувал лични карти, се вели во реакцијата на СДСМ.

„Бидејќи Обвинителството тврди дека се пронајдени и снимени телефонски разговори кај осомничени лица, истрагата треба да покаже на каков начин материјалите се нашле кај овие лица. Обвинителството треба да објасни како тоа владините медиуми имаат информации и детали од истрагата со коишто шпекулираат и создаваат забуна во јавноста, пред официјално да соопшти нешто Јавното обвинителство“, се наведува во партиското соопштение.

Со ова, констатира опозицијата се потврдува дека Јавното обвинителство реагира само кога се во прашање интересите на Никола Груевски.

„Кога се објавуваа разговорите во рамки на проектот Вистината за Македонија, коишто покажаа сериозен криминал, корупција и злоупотреба на институциите од страна на Никола Груевски и неговите соработници, Основното јавно обвинителство со месеци молчеше и не презеде ништо. Дури ниту по кривичните пријави што ги поднесе СДСМ, врз основа на доказите од објавените разговори, со месеци не се постапуваше. Проектот Вистината за Македонија покажа кои се вистинските криминалци во Македонија“, велат од СДСМ.

Во оваа држава, порачуваат оттаму ќе се врати правото и правната држава.