Роковите притискаат: Груевски треба да си даде оставка на 15 декември!

0
1098

dogovor-przino

Медиумите и Државната изборна комисија се последните работи од Договорот од Пржино што треба да се решат пред премиерот Никола Груевски да си поднесе оставка и ВМРО-ДПМНЕ да назначи нов кандидат за оваа функција, пишува „Мета“.

Во Договорот од Пржино точно е предвидено дека премиерот ќе се повлече од функцијата 100 дена пред парламентарните избори, кои ќе се одржат на 24 април 2016 година, а новата влада треба да биде инаугурирана на 15 јануари.

Груевски, ако се почитуваат роковите предвидени со закон и се запазат сите датуми, „мора“ оставка да даде на 15 декември. Тоа, пак, е еден ден по сведочењето во Анкетната комисија за скандалот со прислушуваните материјали, рок кој самиот премиер го најави откако го одложи првиот термин закажан за 9 декември.

Еве како би одело повлекувањето на Груевски ако до крај се исцрпуваат сите рокови и презицно се испочитува Договорот од Пржино:

  1. Никола Груевски треба да поднесе оставка на 15 декември;
  2. Претседателот на државата дава мандат во рок до 10 дена;
  3. Мандатарот новата влада треба да ја предложи во рок од 20 дена до Собранието.

Ова значи:

  • Претседателот на државата го дава мандатот на ВМРО-ДПМНЕ на 25 декември;
  • Мандаторот ја предлага новата Влада пред Собранието на 14 јануари.

Ова се роковите ако се запазат сите законски денови за одлука на посочените институции.

Ако, пак, роковите се скусат максимално, сето тоа може да се случи и на 14 јануари.

Во тој случај, за само еден ден претседателот на државата би ѝ го доделил мандатот на ВМРО-ДПМНЕ и истиот ден новата влада би била предложена, а предлогот би бил доставен во Собранието за гласање.

Инаку, извори од СДСМ за „Мета“ велат дека нив не ги интересира кога точно Груевски ќе поднесе оставка.

Како што велат оттаму, во Договорот од Пржино точно стои дека новата влада треба да биде формирана 100 дена пред да бидат распишани изборите.

– Дали ќе се запазат сите рокови, на пример, 10 дена за претседателот да даде мандат и уште 20 дена мандатарот да ја предложи до Собранието новата влада, нас не нè интересира. Дали ќе се искористат сите денови или сè ќе се реши во еден ден е небитно. Ние сакаме владата, без Груевски во неа, да се изгласа на 15 јануари – велат од СДСМ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, вели дека се трудат да бидат конструктивни и да ги запзат сите рокови предвидени во Договорот од Пржино.

– Ќе се запазат сите рокови затоа што избори мора да има на 24 април за граѓаните да го кажат својот збор – вели Котевски.

Извор: Мета