Режимските тастери во Собранието го изгласаа буџетот од 3,18 милијарди евра за 2016 година

0
1317

Собранието на Република Македонија синоќа го донесе буџетот за 2016 година – 66 пратеници гласаа „за“,  а 28 „против“, воздражни немаше. По скратена постапка беше донесен и Законот за извршување на буџетот за 2016 година.

За пратениците од опозицијата ова е огромен буџет, нереален, неостварлив и неразвоен, па тие гласаа против. Пратениците на СДСМ велеа дека јавниот долг на државата веќе достигнал 4 милијарди евра, а новиот буџет за граѓаните ќе значи само едно – сиромаштија и долгови.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред гласањето за буџетот им се заблагодари на пратениците за дискусиите.

„Се заблагодарувам на сите пратеници кои со извонредно познавање и аргументи зборуваа за буџетот. И на тие што нема да гласаат за буџетот, и на тие што ќе гласаат, би сакал да се заблагодарам. Буџетот ќе биде во корист на граѓаните на Република Македонија“, рече Ставрески.

Трошоците во буџетот за 2016 година се проектирани на 195,7 милијарди денари (за 4,7 проценти повисоки од годинава), а вкупните приходи се проектирани на 176,8 милијарди денари (зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година).

Буџетскиот дефицит е проектиран од 3,6 отсто оваа година на 3,2 проценти за догодина. Зголемени се средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестиции, со цел да се поттикне развојната компоненета на буџетот.

Инвестициите се зголемени за 12,9%. Повеќе средства се планирани и за интензивирање на проектот на Коридорот 10, за железничката инфраструктура, за водоводни и канализациски системи…

За проектот за гасификација се планирани 428 милиони денари, 304 милиони денари за социјални станови, 197 милиони денари за медицинска опрема, потоа средства за реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и Клиничкиот центар во Скопје, средства за културни и спортски објекти, основни и средни училишта и студентски домови, универзитети, технолошко-индустриски објекти и слично. За здравството се наменети 1,6 милијарди денари, во образованието 2,5 милијарди денари, за животната средина 390 милиони денари…

Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а инфлацијата 2 %.

Буџетскиот дефицит од 309 милиони евра Владата ќе го покрива од домашни и од странски извори.

„Буџетот ќе биде комбинација меѓу развојната и социјалната компонента. Развојот ќе се оствари преку историски највисокото ниво на капитални инвестиции, а социјалната компонента преку соодветен износ на средства за ранливите категории“, рече Ставрески.