Парадоксот на Груевски: Вчера ги исклучи медиумите, денес ќе ги „реформира“

0
920

Со исклучување на јавноста од увид во неговото сведочење, Груевски целосно се сокри од истиот оној „народ“ на кој постојано се повикува во своите говори, а уште еднаш покажа и докажа како ја разбира и третира улогата на медиумите. Ова е главната забелешка во јавноста по вчерашното сведочење на премиерот пред Анкетната Комисија за прислушувањето. Останува тајна содржината на неговите одговори, кои имаа можност да ги слушнат само членовите на Комисијата, бидејќи и записниците од седицата се под посебен режим на чување и нема да може да се објават. Груевски неколку пати одби да им одговори на новинарите зошто услов за неговото сведочење беше тие да ја напуштат седницата, кога во сведочењето не соопштил никакви класифицирани информации. Наместо одговор, тој фокусот го насочи кон СДСМ.

„Се повикав на членот 4, затоа што единствената програма на СДСМ е да создава конфликти, тензии, деструкција, ширење на омрза и не сакав да им го пружам тоа задоволство. Одговорив на сите прашања, ги кажав вистинските одговори. Тоа се одговори што веќе сум ги споделил со јавноста. Мислам дека покрај оваа Анкетна Комисија, вистинската анкетна комисија ќе биде онаа на народот, на 24 април“, рече Груевски.

Претседателот Комисијата, Петре Шилегов, обвини дека со барањето за затворање на седница, работата на Комисијата била торпедирана.

„Немаше никакви класифицирани информации. Толку можам да кажам. Јавноста очекуваше актерите на прислушувањето конечно јавно да проговорат. Меѓутоа, излезе дека храбриот боксер сака да боксува на скриени бокс мечеви. За одговорите на Груевски не би можел да зборувам. Верувајте ми, ќе биде срамно да ширам хумор за волку сериозна тема“, рече Шилегов.

Тајност за сите непопопулистички одлуки

Ова не е единствен пример кога премиерот одбира тајност, наместо јавност или кога своите одлуки ги затскрива зад некој друг. И општествената хронологија и новинарските архиви се полни со такви примери.

„Редовно кога треба да се донесе непопуларна, непопулистичка одлука, навикнавме дека Груевски или не претседава со таа седница на Владата, или Груевски не ја потпишува таа одлука“, вели новинарот Васко Попетревски. Како еден од примерите за тоа го посочува автентичното толкување на Законот за амнестија. Или, примери кога одговорноста треба да се сподели со други, иако за тоа изворната надлежност е кај Владата.

„За признавањето на Косово парламентот мораше да донесе декларација наспроти уставната одредба дека Владата признава други држави. Но, за некои одлуки јавноста дознаваше, вака или така. Има важни настани или одлуки за кои јавноста воопшто не беше удостоена со информација дека се случиле. На пример, од писмо на Милошоски до Бан Ки Мун, објавено на веб-страницата на ОН, а испратено со цел да не се загубат позициите во судскиот процес против Грција во Хаг, дознавме дека нашата Влада бришела краци од 16-кракото сонце од релјефите под лавовите на мостот „Гоце Делчев“ во Скопје и тоа на директно барање на Атина. Или од протекување на документ на Нимиц во медиумите дознавме дека предлогот за кој министерот Попоски во интервју за германски весник вели дека е прифатлив за македонската влада (најверојатно со очекување дека интервјуто нема да стигне до македонската јавност) е всушност, предлог во кој одредниците за јазикот и за државјанството се, најблаго речено, проблематични. Oд ‘Викиликс’ дознавме дека Груевски лично немал проблем да го реши статусот на поранешните припадници на ОНА, но дека се плашел од рекациите на јавноста. Листата на вакви примери, за кои во меѓувреме сме дознале, е долга, а за незнајните, прашање е – колку ли ги има“, вели Попетрески.

Текстот на Катерина Блажевска во целост прочитајте го тука