ПЦЕР: Од извештајот се гледа дека владата не сака да го подобри животот на ромите

0
1162

Партијата за целосна интеграција на Ромите (ПЦЕР) е револтирана по објавувањето на Извештајот за прогресот на Македонија од страна на Европската Унија поради неменувањето на статусот на Ромите во општеството.

– Мораме да напоменеме дека по 10 години Македонија добива условена препорака која е резултат на работата на оваа криминална структура на чело со Никола Груевски, кој освен со проектите од кои очигледно зел дебели провизии, друго не го интересирало. Џабе го лаже народот дека работи домаќински и само за народот. Недомаќинското работење доведе повторно до позајмување на големи суми пари од меѓународните финансиски институции. Од министерот за финансии, од кога е дојден на таа функција, ништо друго не видовме освен кредит за кредит и овие нови кредити и задолжувања повторно ќе се потрошат за „капитални“ проекти од кои фамилијата на власт ќе ги испере криминално стекнатите пари. За среќа, образот нема да може да го испере и на следните избори граѓаните ќе го дадат својот глас за СДСМ и Коалицијата за подобра Македонија – рече Самка Ибраимовски, лидер на ПЦЕР.

Тој нагласува дека во Извештајот во делот за Ромите се повторува истата слика дека владата нема интерес да ги подобри условите на Ромите во делот на социо-економската положба, вработувањето, интеретничките односи и положбата на жената Ромка. Прогресот кој е забележан во извештајот во делот на Роми е благодарение на Фондации од ЕУ и невладини организации кои макотрпно работеле за да се подобри ситуацијата и животот на Ромите.

– Мораме исто така да напоменеме дека доколку овој „тренд“ на незаинтересираност од страна на власта за потребите на Ромите продолжи, ПЦЕР ќе ги искористи сите демократски средства со цел да се извести меѓународната јавност дека Ромите не можат веќе да бидат „интересни“ само пред избори и дека секоја идна власт ќе мора да обрати посебно внимание на потребите на Ромите и да ги инкорпорира во своите програми и буџет – додава Ибраимовски.