На 3 години од црниот понеделник, новинарството е исфрлено од Уставниот суд, Врховниот суд, Анкетната комисија, Клубот на пратеници…

0
1130

Многу ме интересира како медиумите (некои), ЗНМ и други еснафски здруженија или организации, ќе го одбележат, или ќе се потсетат на 24 декември, кога на најгруб начин бевме исфрлени од парламентарниот дом.

Поминаа три години од црниот понеделник, а сега новинарството е исфрлено од Уставниот суд, укинати се отворените седници кои уште од комунизмот па се до Груевски ги снимавме, а јавноста имаше увид во неговата работа. Од неодамна исклучена е јавноста, односно медиумите, од годишните седници на Врховен суд.

Новинарите веќе немаат пристап ниту во ходниците на Клубот на пратеници, каде со години со саати чекавме да известиме за разни макотрпни преговори меѓу политичарите. Груевски и неговите министри, на нивно барање, оневозможија присуство на јавноста (новинарите) во Анкетната комисија, чија цел требаше да биде јавноста, народот во кој се колнат, да добијат увид во нивната работа.

Десет години Груевски и министрите од неговата партија ОДБИВААТ ДЕБАТА со опозицијата, што е невиден автократизам на владеење во светот, освен можеби во Северна Кореја. Груевски не прифатил ниту едно интервју со домашен новинар, доколку не е негов слуга и извршител на наредбите на Протоѓер.

Направија тивка елиминација директно или индиректно на сите добри новинари во Македонија и ги заменија, буквално со цели новинарски постави донесени од послушните медиуми или од бескруполозни извршители поставени од разни причини!

Но, може да не изолираат, некои од нас да поколебаат, но да не се лажат дека баш сите ќе не збришат и скршат. Ќе остане барем еден, кој кога тогаш, со други чесни професионалци ќе го врати новинарството, барем на она ниво што го имавме пред десет години. Ако не јас или некој од моите чесни колеги, со кои контактирам, бидете уверени дека тоа ќе го направат нашите деца! Кои за среќа, имаат од кого да учат! Што ги научивте вие вашите деца, каков пример им дадовте?!

Емилија Лазаревска – Фејсбук статус