На Македонија не ѝ треба Валутен борд, туку расчистување со криминалот

0
1440

Во бројните добронамерни идеи како земјата да се помести на демократски колосек на развој е и најновата- да се формира Валутен борд. Се полага надеж дека независни експерти надгледувани од странци можат да обезбедат пресврт  во развојот на земјата.  Од искуства на некои земји во кои функционираат такви институции некои ја оправдаа својата улога. Меѓутоа, прашање е дали таква институција денеска кај нас може да ги оствари очекуваните цели или може да се искористи за забошотување на одговорноста на носителите на власта за лошата ситуација во државата. Валутен борд можеби можеше да редуцира некои негативни трендови во економијата ако функционираше досега, меѓутоа, денеска, тешко дека ќе може да направи нешто повеќе за санирање на состојбите, што нема да го направи било која власт, бидејќи тоа веќе ќе мора да се направи.  Строгите мерки на штедење (слични на грчките) се следниот потег, освен ако не се продолжи со распродажба на капиталот кој се‘уште не е раскрчмен, иако постојано се девастира. Со тоа само ќе се амнестираат главните виновници за општествено-економската и политичка криза во земјата. Ќе се вика по Валутниот борд дека ни донесол несреќи, а вистинските виновници ќе ликуваат дека тоа ним не им се случило, иако се‘ се помалку луѓето кои не разбираат дека клучниот македонски проблем е криминалот во врвовите на власта.  Се‘ додека не се детектира кои се носители на организираниот криминал и кои се структурите кои организирано делуваат против интересите на државата и тие не се санкционираат, се‘ дотогаш секој обид за излез од кризата претставува свртување на вниманието од главниот проблем. Бордот не може да биде супституција за партизираната држава, за узурпациите на главните полуги на власта, за насилното вршење на власта, за корумпираните институции, медиуми …Тој може да биде ефикасен само во услови во кои непречено функционира правната држава. Прво таа мора се воспостави.

Валутниот борд не може да ги решава економските проблеми, а притоа да не бидат санкционирани сите оние кои   од државата по тајни канали испумпаа  5 милијарди евра. Нема спасоносни макроекономски политики кои можат да ги имплементираат   економските умови ако во државата е нормално „без страм и перде“ да узурпираш пари на народот и притоа да не сносиш никаква одговорност. Се‘ додека не се одземе нелегално стекнатиот имот од оние кои тоа го направиле и не се создаде клима дека таквата практика нема да се толерира, нема експерти кои ќе помогнат да се надминат неповолните  економски состојби. Ништо нема да има од економското опоравување на земјата се‘ додека директно инвлвираните во овие криминали со државни пари, кои и да се, се на слобода, и се‘ дотогаш, не Кругман, не Рубини, па и двајцата заедно,  нема ништо да помрднат кон подобро во поглед на подобрување на економската состојба во која се наоѓа државата. Нашата економија веќе десетина години е нападната од криминална структура која како што обзнани американски институт од државата изнесе скоро два годишни буџети на РМ. И после едно вакво сознание кое не е правено од соросоиден институт, станува јасно дека нема нови институции кои можат да ни помогнат да се извлечеме од калта освен да се воспостават институциите на правната држава. Тоа е приоритет. А за тоа треба да се изврши „узурпација на узурпаторите“.

Мислам дека, во овој момент, предлогот да се воведе Валутен борд исклучително им одговара на „кабаетлиите“, затоа што со тоа главниот проблем се лоцира во макроекономското управување со парите во земјата. А во земјата, според Гувернерот на НБРМ, тоа не е проблем. Македонија 18 години има стабилен девизен курс на денарот и релативно стабилни цени во земјата. Тоа значи дека горе-долу на Македонија не и‘ треба Валутен борд, иако тоа не значи оти се согласуам дека и НБРМ нема никаква одговорност за  расулото во економијата. Но, за тоа друг пат. Во овој контекст, евентуално, за во иднина, би можело да помогне формирањето и функционирањето на некаков фискален совет со цел  за да се упристојат буџетските трошења и буџетската потрошувачка  да биде во функција на развојот.

Валутниот борд никако не може, односно нема начин да се справи со досегашните проблеми на корупцијата и другите криминали, со партизацијата на институциите и бројните нерегуларности во вршењето на власта. А, пред се‘, поради  нив  македонската економија и животниот стандард на македонскиот народ се најдоа на  ова дереџе.  Тој може и да се формира, но, ако ништо друго не се промени, негативните појави и однесувања можат непречено да продолжат.

Оттука, прво, тие, „кабаетлиите“   би сакале критиката да се насочи во правец дека  лошо ја воделе економијата, отколку дека ја краделе економијата. Второ, со евентуалното воведување на валутен борд веднаш се врши дефокусирање од главниот проблем, значи силите се насочуваат кон изнаоѓање на правилни економски политики кои ќе ја извадат земјата од економските проблеми, а не се детектира и не се отвора „војна“ со вистинскиот виновник за урнисување на државата. И трето, со самиот факт што ќе се фокусираме во изнаоѓање на независни експерти кои ќе треба да ја оправат ситуацијата под капата на меѓународнот фактор, им се остава време на криминалците да се евакуираат, што персонално што материјално.

Со нудењето други решенија се бега од суштинскиот проблем. Се отупува острицата за трајно решавање на проблемите во насока  никому во иднина да не му текне да го будали народот дека посветуваат невидена грижа за него, а во суштина го осиромашуваат и го водат во амбис. Не смее да се заборави дека во државата никогаш нема да се подобри економската состојба, доколку претходно не се смогнат сили да се отстрани метастазираното криминално ткиво. Отткако тоа ќе се отстрани, дури потоа може да се зборува за Валутни бородови и Фискални совети, независни експерти надгледувани или не од надворешниот фактор и дали и колку таквата позиција е протекторска. А можеби тие и нема да ни требаат доколку законодавните и правосудните институции совесно, независно и одговорно почнат да си ја вршат својата уставна улога. Да не забораваме дека мафии има во секоја држава, меѓутоа, кај нас треба да се симнат сомневањата дека мафијата си има држава. Без тоа со ништо не може да се направи ниту чекор напред.

Во оваа насока само слепците и глувите не можат да видат дека вината за таквата состојба е директно кај  политичките елити кои во изминатите години немилосрдно бараа начини како во името на народот да ги остварат своите лични цели и целите на врхушките на партиите на власт. Да не се лажеме, проблемот на Македонија е многу поголем од само економски, и затоа се‘ додека не заигра „затворот“, што подразбира санкционирање на сите оние кои се огрешиле во името на народот, се‘ дотогаш е второстепено да се бара „лек“ во Валутен борд или Фискален совет. Барем додека не се расчисти теренот за нормално функционирање на уставните институции.

Д-р Крсте Шајноски

Колумната е преземена од порталот Фактор