Митевски: Непотребно се крева паника со засилените безбедносни мерки

0
1048

Засилени мерки за безбедност се неопходни ако се оправдани, само ако МВР располага со конкретни информации добиени од Управата за безбедност и контраразузнавање за можно нарушување на безбедносната состојба на земјата од некои терористички групи или организации. Не верувам дека МВР располага со такви информации, вели поранешниот разузнавач Горан Митевски за „Слободен печат“, коментирајќи ги засилените бзбедносни мерки пред фреквентните објекти во Скопје.

Според него, ваквите засилени мерки на безбедност само ќе го оптоварат буџетот на МВР.

– Ова не само што ќе го оптовари буџетот на министерството, туку и ќе го зголеми незадоволството кај дел од вработените поради неисплатени дневници за прекумерна работа. Македонија дефинитивно не е на листата земји, кои се потенцијални цели на ИСИС, што деновиве ја објавија светските медиуми. Затоа зголемените мерки на безбедност се непотребни, и не е потребно да се крева паника кај народот – категоричен е Митевски.

Министерството за внатрешни работи го крена нивото на безбедност во Скопје. Викендов можеше да се забележи дека е засилено обезбедувањето на полициските станици, трговските центри, амбасадите, државните институции и спортските објекти.