Магла над ДИК: За кого е отворена истрага?

0
990

Доколку изборите се одржат на 24 април, а опозициската СДСМ реши да ги бојкотира поради оценка дека не се исполнети условите за фер избори, сосема е извесно дека таа партија ќе ги повлече нејзините членови од ДИК. Што во таков случај?

Според Новаковски, проблемот нема да биде во бројката на членови на ДИК, туку во намалента конкурентност.

„Доколку опозицијата не учествува на изборите, тоа ќе биде голем удар за идните демократски процеси, посебно што тие избори ќе бидат одржани без партиите кои и ги покренаа овие политички процеси, тие кои беа иницијатори за создавање техничка влада и за нов состав на ДИК, и дадоа согласност за тоа. Со евентуалното неучество на опозицијата и неподнесувањето листи на кандидати, ќе биде сериозно намаленa конкурентноста, како и правото на избор. Но, посебно ќе биде загрижувачко сознанието дека не се остварил еден од клучните услови од Договорот Пржино, односно дека нема да дојде до разрешување на политичката криза. При таков развој на настаните, повлекувањето на членовите на ДИК ќе биде ирелевантно. Комисијата ќе може да работи и одлучува и без два члена“, вели Новаковски.

Во недостиг на информации, во ДИК не се зборува за наводите од Специјалното обвинителство.

„Немаме никаква информација за тоа. Во Комисијата не сме разговарале, бидејќи ништо не знаеме и тоа не е тема што може да се стави на дневен ред“ вели Субхи Јакупи, член на ДИК на предлог на ДУИ.

Четири членови од претходниот состав на ДИК се и во новиот состав на Комисијата, што ги разгоре шпекулациите за лице или лица опфатени со истрага. Според законската регулатива, на член на ДИК му престанува мандатот во Комисијата ако е правосилно осуден со казна затвор над шест месеци. Членови на ДИК велат оти немаат информација дека некој од сегашниот состав бил повикан на разговор во врска со кривични дела поврзани со претходни избори и затоа нема што да коментираат или прогнозираат.

„Во овој момент не останува ништо друго освен да се почитува принципот на пресумпција на невиност“, вели Јакупи, кој пред две години се стекна со научен степен доктор на правни науки на УКИМ, токму со дисертација на тема „Изборните нерегуларности на парламентарните избори во 2006, 2008 и 2011 година во Република Македонија“.
Тој вели дека во докторскиот труд презентирал над 40 начини за извршување изборни нерегуларности, во кои 80 отсто од сторителите биле мажи, а 20 отсто жени, на возраст меѓу 25 и 40 години. Според степенот на образование, 20 отсто од нив имале високо, 50 отсто средно и 30 отсто основно бразование.
Имајќи го предвид искуството од обемното истражување, Јакупи денес ги компарира разликите меѓу изборните циклуси според нерегуларностите што ги карактеризирале нив.

„За разлика од изборните циклуси во 2006 и 2008 година, кога имаше физичко насилство, од 2011 година се преминало на софистицирани методи. Од тогаш до денес методите се слични и не се сменети, и се повторуваат од циклус до циклус. Најдоминантни се притисоците врз администрацијата и купувањето гласови“, вели Јакупи, и потенцира дека од огромна важност е подобрувањето на избирачкиот список и достигнување на други стандарди, за кои се добиваат забелешки по секои избори. Тој смета дека со евентуално повлекување на двајца членови, ДИК ќе може да функционира и со седум членови, но се надева дека тоа нема да се случи.
„На изборите во Албанија, од седум членови тројца се повлекоа. Комисијата ги спроведе изборите со четири членови“, укажува Јакупи.

Анализата на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја ОВДЕ