ЛДП: Дали Изаири влечеше жрепка само за опасните честички во Скопје и во Тетово?

0
892

Либерално-демократската партија бара одговор од министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, по кои критериуми и проценки избрал да ги испитува причините за аерозагадувањето само во градовите Тетово и Скопје.

Како партија на која врвен приоритет и е здравата животна средина за граѓаните на Република Македонија, е неприфатливо парцијалното и дискриминирачко однесување на Министерството за животна средина, кое ги утврдува причините за аерозагадувањето само во овие два града, кога се знае дека уште најмалку три градови – Битола, Кичево, Кавадарци, секојдневно дишат смртоносен воздух, а последиците од него силно и болно удираат врз здравјето на граѓаните, велат од ЛДП.

„Дали министерот Изаири си поигрува со сериозноста на проблемот со аерозагадувањето? Дали влечел жрепка или пак му се сонило од дузина енормно загадени градови во Македонија, да ги избере само Тетово и Скопје за поставување на филтри или се работи за несериозен и популистички пристап кон овој горлив проблем како дел од кампањата на власта пред закажаните парламентарни избори“, се наведува во соопштението.

Уште стотици илјади граѓани, надвор од Тетово и Скопје, секојдневно ги дишат смртоносните ПМ 10 и ПМ 2, 5 честички, а државата не прави ништо за намалување на аерозагадувањето, алармираат од партијата.

„Бараме аерозагадувањето, причините и потеклото на штетните материи да се испитуваат во сите градови каде мерните станици секојдневно покажуваат високо ниво на загаденост на воздухот. Во спротивно ќе сметаме дека министерот Изаири потврдува дека РЕК-Битола ја загадува Битола, РЕК-Осломеј градот Кичево , а Фени Индустри го загадува Кавадарци, но не презема ниту малку одговорност за последиците од загадувањето од овие индустриски капацитети“, велат од ЛДП.