ЛДП: Власта ги третира судовите и обвинителството како воен плен

0
985

Македонското правосудство е со критична дијагноза бидејќи сериозно е доведено во прашање функционирањето на судовите и јавното обвинителство, како базични институции кои го чинат правосудниот систем. Ова е една од пораките кои Либерално-демократската партија ги испрати синоќа од Куманово на трибината „Македонија после Груевизмот – Либерални решенија“.

Поранешениот претседател на Комисијата за спречување на корупција, адвокатот Драган Малиновски, говорејќи за правниот и судскиот аспект на функционирањето на државата рече дека ако до пред 2-3 години основната забелешка за нашето судство беше лоцирана во недоволната ефикасност, во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Р. Македонија, како главни проблеми се посочуваат нарушената независност и квалитетот на судските одлуки, односно т.н. проблем со квалитетот на правдата.

„За жал состојбата во нашето правосудство е повеќе од поразителна. Нашите институции се буквално во канџите на партиите на власт и тие функционираат само и исклучиво во нивна полза. Овие инстутуции веќе подолго време се третираат како воен плен, сметајќи дека тие треба да бидат само во нивна функција. Во вакво опкружување не може да стане збор за принципиелно функционирање на институциите“, рече Малиновски пред граѓаните на Куманово.

ЛДП смета дека крајно неодговорно би било причините за неповолните состојби во правосудството да се релативизираат, особено не ако станува збор за корупција, непотизам, партизација, феномени во општеството застапени и во правосудството.

Оттаму, ЛДП предупредува дека потребна е силна политичка волја на релевантните политички фактори за ослободување на институциите и судството од жестокото партиско влијание, кое ќе може да се оствари единствено преку промена на актуелната власт на изборите закажани во април 2016 година. Воедно, како останати мерки, ЛДП ги предложи и зајакнувањето на позицијата на Судскиот совет преку избор на докажани професионалци со силен личен интегритет, како и укинување на Советот за утврдување на факти и покренување одговорност на судии.