Курц: Ако има потреба, ќе се отворат бегалски кампови во Македонија

0
834

Австрија во следните неколку недели или месеци ќе го достигне лимитот за прием на бегалци за годинава (37.500) и ќе ја затвори границата, изјави шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, пренесува „Мета“.

– Австрија е една од земјите од тројката, со Германија и со Шведска, во кои најмногу се примаат бегалци. Нашите одлуки ќе имаат последици кон земјите од балканската рута, Словенија, Хрватска, Србија и Македонија – рече Курц, додавајќи дека Македонија ќе мора целосно да го сопре бранот на бегалци.

Австрискиот министер истакна дека Македонија ќе биде соочена со тешка задача, но дека Австрија ќе ѝ даде поддршка со испраќање полиција и војска и опрема за справување со кризата.

На новинарско прашање дали ќе се градат нови бегалски кампови, Курц изјави дека зависи од тоа колку бегалци ќе пристигнат.

– Тоа зависии од политиките на земјите, ако има потреба ќе се отворат кампови и во Грција и Македонија за да се задржат бегалците – рече Курц.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски соопшти дека Македонија презема мерки во две насоки а тоа е спречување на илегалното преминување и регистрација на бегалците.

На новинарско прашање уште колку бегалци Македонија е подготвена да прими, Попоски рече дека тоа зависи од одлуките кои што ќе се донесат во останите земји на ЕУ.

– Колку ќе влезат, зависи од тоа колку бегалци ќе примат земјите-членки од ЕУ. Од тоа ќе зависи колку ќе пропуштиме. Бројките за прием, математички гледано ќе се добијат ако се земат предвид тие што Австрија, Германија и Шведска заедно ќе одлучат да ги примат – рече Попоски, додавајќи дека македонските власти во справување со бегалската криза користат само средства од даночните обврзници на Македонија и од билатералната помош од земјите како што е Австрија.

Попоски истакна дека земјата има потреба од луѓе во униформа кои знаат да обезбедуваат граници, но и од опрема. Тој нагласи дека без разлика од која земја ќе бидат полицајците и војниците, главната команда ќе ја има Македонија.

– На македонската територија газди се македонски власти – истакна Попоски, додавајќи дека сите натамошни мерки на македонските власти ќе бидат носени во координација со одлуките на Германија, Австрија и други земји-членки на ЕУ.

На средбата, исто така, се разговарало и за политичката криза во Македонија, при што Курц ја истакнал важноста од почитување и од имплементирање на Договорот од Пржино, како и од обезбедување слободни и демократски избори. Тој додаде дека Австрија би можела да испрати набљудувачи на изборите.

Двајцата министри потпишале акционен план со кој се предвидува подобрување на економската соработка, помош во форма на обуки на млади дипломати и модернизација на јавната администрација, но и австриска помош во еввроинтеграциите на Македонија, решавањето на спорот за името, како и поддршка за подобрување на добрососедските односи на решавање на билатералните спорови на Македонија.