Кој и зошто го мерка „Скопски пазар“?

0
2276

Прилепска компанија за дваесетина дена купи 7,3 отсто од акциите на „Скопски пазар“ и стана трет по големина поединечен акционер во таа компанија, информира порталот Фактор.

Зошто некој сега се ангажира и купува акции во фирма што важи за семејна империја? Дали уште некој се подготвува за влез во акционерската структура на компанијата која поседува големи градежни парцели на атрактивни скопски локации?

Прилепската компанија „Современ дом“ од почетокот на ноември досега, во официјалната евиденција на Централниот депозитар за хартии од вредност стана сопственик на 7,3 отсто од акциите со право на глас во „Скопски пазар“ еден од најголемите трговски малопродажни ланци во земјава. Со тоа прилепската компанија, која порано беше синоним за тапацирање мебел, а сега се занимава со закуп на деловен простор стана трет по големина акционер во „Скопски пазар“ и излезе во евиденцијата на јавно именувани сопственици на акции кои ги води ЦДХВ во својот регистер. Мнозински сопственик на прилепската фирма е Андон Дудулоски кој поседува 72,7 отсто од акциите, а неговиот роднина и веројатно син Ацо Дудулоски е генерален директор со сите овластувања.

Најголеми акционери остануваат во „Скопски пазар“ и понатаму Сашо Давитковски актуелен менаџер на компанијата со посед врз 11,9 отсто од акциите и неговата мајка Тодорка Давитковска со посед врз 11,4 отсто од акциите со право на глас. И мајката и синот Давитковски нивните акции ги наследија од Трајко Давитковски, поранешен и долгогодишен генерален директор и по приватизацијата и најголем поединечен акционер на „Скопски пазар“.
Иако се насетуваше дека некој купува акции во „Скопски пазар“ затоа што пред повеќе од една година таа акција порасна од ниво од 3.500 денари до ниво над 8.000 денари, па на моменти и ја надмина таа цена.

Во периодот од една година видовме неколку интересни и зачудувачки предлог одлуки при што една скопска фирма преку инструментот приватна понуда на акции за познат купувач беше подготвена да плати над 28.000 денари за акција. Тоа беше најблаго речено зачудувачки за поголем дел од инвеститорската заедница во земјава.
Летото за прв пат јавноста го виде името на „Современ дом“ во контекст на „Скопски пазар“. Имено таа компанија побара од судот и доби позитивна одлука за забрана за „Скопски пазар“ да откупува акции во сопствен откуп.

Три месеци и неколку дена по тоа прилепската компанија стана сопственик на 7,3 отсто од акциите во „Скопски пазар“. По ваков развој на настаните и со оглед на фактот дека

„Скопски пазар“ во сопствен откуп чува 11,7 отсто од акциите кои сега не носат право на глас, може да се очекува дека во таа компанија во најмала рака може да има обид за промена на силите во акционерската структура.

Од каде е интересот за „Скопски пазар“

Скопската компанија во својата позиција на пазарот на големи малопродажни маркети е атрактивна. Иако во моментот билансите не нудат многу простор за оптимизам макар на краток период, особено од аспект на пад на приходите и ниво на задолженост на компанијата.

Но не смее да се заборави главниот адут на „Скопски пазар“ што сега е делумно скриен од очите на инвеститорската јавност. А тоа е поседот врз земјиштето на кое се наоѓаат големите пазари во скопските населби Буњаковец, Тафталиџе, локацијата Бит пазар како и другите пазари.

Текстот во целост прочитајте го ОВДЕ