Кире Наумов: Ставревски ја прекрши постапката при последното задолжување

0
1020

Министерот Зоран Ставрески на 29.01.2016 година соочен со рекордниот износ на јавниот долг од 4 милијарди и 224 милиони евра, свесен за состојбата на државната каса, ги прекрши Законот за јавен долг и подзаконските акти кои го регулираат начинот и постапката за издавање и исплата на државни хартии од вредност, информриаат од кабинетот на дополнилетниот заменик министер Кире Наумов.

„Во Законот за јавен долг член 18 став 7 децидно е наведено дека начинот и постапката за издавање и исплата на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар ги пропишува министерот за финансии. Во Правилникот за начинот и постапката за издавање и исплата на хартии од вредност  донесен од страна на министерот за финансии, во член 17 став 2 стриктно е наведено дека издавачот ( Република Македонија преку Министерството за финансии), најдоцна до 14.00 часот во работниот ден, 4 работни дена пред денот на одржување на аукцијата го дефинира проспектот за аукција на државни записи и/или проспектот за аукција на државни обврзници и преку електронскиот систем го доставува до агентот (Народна банка на РМ). Во став 3 од истиот член се обврзува агентот (Народна Банка на РМ), во 14.30 истиот ден , преку електронскиот систем да ги упати проспектите од став 2 на член 17 до сите овластени директни учесници.

Министерот Ставрески го дефинираше проспектот за аукција на државни записи и проспектите за аукција на државни обврзници за аукцијата закажана за 02.02.2016, на ден 29.01.2016, односно 3 работни дена пред денот на одржување на аукцијата“, се наведува во соопштението пратено до медиумите.

Од кабинетот на Наумов најавуваат дека ќе ја побараат целокупната документација и одлуки кои претходат на објавувањето на проспектите и ќе поднат жалба до Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка при работен однос во втор степен со која ќе го оспорат одржувањето на аукцијата на 02.02.2016 година поради прекршување на постапката од страна на министерот за финансии.