Кире Наумов: Секое бебе се раѓа со 2.000 евра долг

0
1227

Граѓани на Куманово ја поддржуваат одлуката на СДСМ и опозицијата да не учествуваат на избори без прочистен Избирачки список и објективно медиумско известување.

Претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ и дополнителен заменик министер за финансии, Кире Наумов, претседателката на Комисијата за труд и социјална политика, Мила Царовска и организацискиот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, вчера ги посетиле кумановци со кои зборувале за младинската невработеност и загрижувачкиот тренд на иселување. Од сите млади луѓе се слуша истото – се почесто се решаваат да ја напуштат земјата во потрага по егзистенција и достоинствени услови за живот што тука ги нема.

– Во малите и средните претпријатија ќе инвестираме до 50 милиони евра државна помош, за разлика од власта во заминување којашто одвојува едвај 200.000 евра. Работата на домашните претпријатија ќе отвори реални работни места со пристојни плати, а тоа ќе овозможи економски стабилни семејства што ќе придонесат кон економски стабилна држава. Така ќе ве задржиме вас младите дома – им рече Наумов на младите кумановци.

Граѓаните од населбата Долно Коњаре стравуваат за својата иднина и за иднината на своите деца и внуци во земјава и за тоа отворено зборуваат. Загрижени се за долговите што им ги прави власта на домаќинствата, но и на државата.

– Секој ден власта ја задолжува Македонија со нови 3 милиони евра. Тоа значи дека секое новороденче се раѓа со долг од 2.000 евра. Овој вртлог од задолжувања мора да го спречиме. Ставрески почна панично да прекршува правилници за да ја задолжува државата на домашниот пазар само за да му удоволи на Груевски во неговите планови за предизборна корупција. Работиме да спречиме изборна корупција, а на оваа расипничка власт крајот се ближи – рече Кире Наумов пред жителите на населбата Панче Пешев кои со претставниците на СДСМ зборувале за проблемите со коишто се соочуваат и за актуелната политичка ситуација во земјава.