КОМИТЕТ ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА: СПЕЦИЈАЛНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЕНЕРГИЧНО ДА ПРОДОЛЖИ СО РАБОТА

0
1673

Комитетот за заштита на правата целосно ја поздравува првата акција на Специјалното јавно обвинителство наречена „Титаник“. СЈО демонстрираше завидното ниво на решителност и висок степен на енергичност и професионалност во образлагањето на сите релевантни елементи на оваа историска акцијата за справување со организираниот криминал и суспендирање на Уставниот поредок на РМ. Ова историска акција длабоко ги охрабри сите обвинети во политичко-полициските монтирани случаи, а особено нивните напатени семејства, нивните брачни партнери и истрауматизираните деца.

Комитетот апсолутно го споделува ставот на СЈО дека Кривичниот суд во Скопје засега пропушти да се запише во историјата на Република Македонија. Македонското судство се наоѓа на крстопат. Тоа има неповторлива можност да се ослободи од режимските стеги и притисоци и да направи мирно и постепено враќање во нормалноста, професионалноста и правичноста. Оваа историска шанса судиите како фела треба да ја зграпчат и конечно да се изборат за својата независност. На тој начин ќе добијат смисла и реформските зафати кои во правосудството финансиски беа поддржани и од меѓународните институции, а еден од нив е и новиот Закон за кривична постапка. Доколку оваа шанса не се искористи и на дело не се покаже професионалноста и независноста, тогаш очигледно е потребно основање и на специјално судство. Во истовреме, паралелно со овој процес, ќе треба законски да се иницира и целосен реизбор на сите судии.

Комитетот потсетува на десетината монтирани политичко-полициски случаи, во кои цело одреди специјалци во раните утрински часови апсеа политички противници, плашеа и трауматираа жени и деца. Во овие надувани спектакуларни апсења мерките притвор беа однапред определени, а немаше ни трошка од презумцијата на невиност. Осомничените однапред преку режимските медиуми беа осудени. На овие тешки повреди на правата треба да им се стави крај и сите што учествувале во нив да одговараат.

Досега судот за многу полесни кривични дела определувал мерка притвор. Поединците судии кои одлучуваат во вакви сложени предмети како што е историскиот „Титаник“ не треба да дозволат да бидат заглавени во политички лавиринти.  Ако тоа го дозволат патот до правдата, односно до фактите и сведоците, сериозно може да биде доведен во прашање,  а одговорноста и последиците потоа стануваат заеднички. Жалбите на СЈО по покренатите постапки многу сериозно да бидат разгледани.

Комитетот го повикува СЈО уште порешително да продолжи со своите активности, согласно итноста на предметите, фазата во која се наоѓаат, како и обемноста на истите. Особено предметите кои се наоѓаат во жалбена фаза, особено предметите како „Шпион“, „Монструм“, „Ровер“ и другите.  Така најдобро ќе ја исполни својата мисијата на обезбедување на еднаков третман на сите пред законите и зголемување на правната сигурност и довербата во нашиот правосуден систем, што самото потенцираше во своите почетни соопштенија.

Членовите на Комитетот, заедно со семејствата и се побројните подржувачи, најнепосредно ќе ја вложат сета своја животна енергија, знаење и долгодишно искуство за да победи правдата во секоја ситуација во која таа е доведена во прашање.

Комитет за заштита на правата

Координатор Ване Цветанов