Змијата што си ја јаде опашката е многу блиску до главата

0
993

(Анатомија на еден авторитарен режим)

Пишува: Зоран Бојаровски

Од пред две-три децении во теориите за општествените процеси се наметна еден концепт кој беше наречен општества базирани на знаење. Никој не можеше да претпостави дека од општествата базирани на знаење ќе се клонираат фрикови кои ги нарекоа диктаторски режими засновани на информации. Токму така, модерните диктатори излегоа од пазувите на декларативно демократските општества и му се прикажаа на светот. Последните деценија, две, тие диктаторски структури управуваат и манипулираат со информации, наместо со масовни насилства. Техниките на модерните диктатори, функционираат во услови на скромен економски подем и со нагласена контрола врз медиумите, со цензура и со алатките на пропагандата од кои најмила им е – перманентната кампања.

Но, диктаторските режими засновани на информации се наоѓаат во еден магепсан круг кој најдобро е да се замисли како змијата што си ја јаде опшаката. Одговорот на парашањето кој е панацеата, сеопфатниот лек, за ваквите режими е токму модерното општество засновано на знаење и на информации во кое активно учество имаат неговите граѓани со целосен пристап до знаењето и информациите и со целосна посветеност на сопствената еманципираност и личиен интегритет и суверенитет.

Диктаторските режими не се она што беа некогаш. Тоталитарните тирани – како Хитлер, Сталин, Пол Пот, Пиноче – го употребуваа теророт, иедолошката индокринација и изолација, за да ја монополизираат моќта и да воспостават систем за долго владеење во кое ненорамалното ќе се препознава како нормално.

Новите авторитарни режими, за кои зборуваме тука, се адаптираа на глобализацијата, на отворените граници, на достигнувањата на информатичката технологија и на соодветниот развој и влијание на медиумите, на придобивките на економијата заснована на знаење. Од Фуџимори во Перу, до Орбан, во Унгарија и Груевски во Македонија. Овие авторитарни режими успеваат да се одржат без ѕидови на границите (тука не ги сметам ѕидовите на Орбан за да ги запре бегалците) и без масовни екстремни репресии како, на пример, во Северна Кореа.

Новите автократски концепти дури и с(т)имулираат демократија, организираат избори на кои следбениците, поданиците, секогаш победуваат со тотална корупција, со злоупотреба на јавните ресурси и со целосна контрола на медиумите. Недостатокот од автентична партиска идеологија таквите режими ја заменуваат со безличен популизам и идеологија на ширење страв и несигурност. Лидерите кои се олицетворение на таквите режими најчесто се популарни и во нивна близина нема потенцијални ривали. Наместо ривали, на безбедна дистанца од нив се првите во партиската хиерархија која функционира исклучиво субординативно. Опонентите се ставени на листи за политички отстрел. Завладеаните структури за присила како што се полицијата и судот ги малтретираат и клеватат, им се монтираат судски процеси, другите неистомисленици се охрабруваат да ја напуштат земјата.

Сепак, заслужуваме повеќе и подобро.

Автократијата и информациите

Најистакнатите автократи, кои потоа се претвораат за ролмодели за оние што лошо ги имитираат, за сметка на слободата и правата на граѓаните, своите сили ги  црпат од информациите кои настојуваат да ги поседуваат навреме и пред сите, за да можат потоа да ги злоупотребуваат. Иако одвреме навреме овие диктатори употребуваат и насилни методи, многу повеќе манипулираат со емоциите и уверувањата, благодарение на информациите што ги поседуваат. Се разбира до тие информации доаѓаат, меѓу другото, и со прислушкувања.

Многу студии за однесувањето и логиката на модерните диктаторски режими доаѓаат до еден ист заклучок дека тие преживуваат и функционираат благодарение на манипулациите со информациите. Ако тргнеме од претпоставката дека граѓаните сакаат да изберат и да бидат претставувани од компетентни и декократски лидери, тогаш сосема логично е да се претпостави дека некомпетентниот автократ ќе направи сѐ што треба за да ја измами јавноста, да се прикаже како компетентен и демократичен.

За да го направи тоа диктаторот посега по кутијата за алатки за управување и одржување на автократскиот режим меѓу кои се: пропагандата, репресијата, окупацијата на елитите, на јавниот простор и на медиумите, целосна контрола на информациите што се дистрибуираат во име на режимот… Да ги одржуваш и да ги користиш овие средства чини многу пари, но бидејки парите доаѓаат од даночните обврзници, односно од граѓаните – нема никаков проблем. Навистина, заради големата јавна потрошувачка и задолжувањата, паѓа стандардот на граѓаните, но тоа, пак, идниректно, повлекува ниски очекувања, па затоа секој и најмал „подарок“ од дикаторот (бесплатен автобус, пензии зголемени за 10 евра, минимална плата од стотина евра…), е влог за трампа за довербата на следните избори…

Сепак, заслужуваме повеќе и подобро.

Пропагандата и компетенцијата на лидерите

Прашање е зошто луѓето веруваат во пропагандата? Одговорот на ова прашање пред нас се исправа како загатка, ако го имаме предвид фактот дека диктаторите имаат постојан мотив да лажат. Сепак, да се обидеме да најдеме одговор. Еден од важните аспекти на пропагандата за нејзините протагонисти тргнува од потребата на постојано убедување на јавноста дека лидерот е компетентен. Се разбира, некој ќе рече дека и автентично компетентните лидери имаат потреба таа нивна способност да им се потврдува и одобрува. Но, за разлика од автентично компетентните кои за да се докажат такви единствено што треба да направат е да ги манифестираат тие свои компетентни карактеристики на дело, некомпетентните диктатори мора да ги фабрикуваат тие особености со алатките на пропагандата, со манипулација на информациите.

Оттаму, она што може да го измести диктаторот од неговата состојба се активните граѓани, полни со информации и знаење кои застапуваат општества засновани на знаење. Колку и да звучи парадоксално, зашто рековме дека новите диктаторските режими се фундирани на столбовите на информациите и знаењето, токму тие, знаењето и информациите можат да го окончаат нивното владеење.

Зашто, веќе рековме погоре во овој текст: Диктаторските режими засновани на информации се наоѓаат во еден магепсан круг кој најдобро е да се замисли како змија што си ја јаде опашката.

Змијата што си ја јаде опашката е многу блиску до главата.

Извор: Граѓаните.мк