Ермира Мехмети: Можеби моето време во ДУИ никогаш нема да дојде, но вашето време завршува

0
1539

Пратеничката од ДУИ Ермира Мехмети ги замрзна сите партиски активности, бидејќи не успеала во партијата да се избори за реформите кои оценува дека се неопходни. Таа во обраќање преку својот фејсбук-профил порача дека војната е со, како што ги нарече, политички хиени, високи структури во ДУИ со кои таа влезе во директен конфликт, пишува Утрински весник.

„Имав искрена желба и цел да ја реформирам ДУИ. Бев убедена дека има основа и дека ќе има подготвеност за тоа, за партијата да стане посилна, поединствена и појака во владеењето. Но, секој мој обид наиде на пречки, спротивставувања и ниски удари. Ми измислија афери, сценарија, ја поттикнаа структурата против мене. Медиумите кои се финансирани од ДУИ се ставија во нивна служба и кампања за да го уништат мојот кредибилитет и интегритет. Секој обид за да кажам дека партијата е колективен орган и дека не му припаѓа никому лично, тие го сфаќаа како закана за личните привилегии. Ги мобилизираа сите полтрони кои за малку пари или за мали бенефиции се ставија во заштита на корупцијата, сервилноста и вазалството“, пишува Мехмети. Во тој контекст таа информираше дека како пратеници биле присилени да гласаат за Тони Науноски за член на Комисијата за заштита од дискриминација, иако не се согласувале со неговиот избор. „Тие што не натераа, веројатно, им се должни“, оцени Мехмети.

Таа додава дека искрено верувала дека се можни промени во партијата и дека помладата генерација може да ја предводи реформата. „Но, згрешив. Од денес, па се до истекот на мандатот ќе молчам. Им порачувам на сите дека ги замрзнувам сите мои политички активности во локалните структури и на раководните позиции во партијата. Војната со политичките хиени е однапред изгубена. Но, на сите политички хиени им порачувам дека, можеби, моето време во ДУИ никогаш нема да дојде, но убедена сум дека вашето време завршува“, вели Мехмети, која минатата недела јавно се конфронтираше со пратеникот Артан Груби кого го обвини дека нарачува телевизиски прилози против неа.