Европратениците кај Заев: Избори на 24 април нема да бидат признаени

0
1108

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска, и генералниот секретар Оливер Спасовски, денеска се сретна со европратениците Иво Вајгел, Ричард Ховит и Едвард Кукан.

Заеднички беше оценето дека Договорот од Пржино мора да се исполни во целост за да се создадат потребните услови за одржување слободни, фер и демократски избори во Македонија.

Претседателот Заев рече дека оценката на меѓународната заедница, на ЕУ и САД, дека нема услови за регуларни, кредибилни избори на 24-ти април е потврда на фактичката состојба, на вистината.

„Јасно е дека фер избори на 24-ти април не може да има. За да се создадат условите за кредибилни избори мора да се прочисти Избирачкиот список и да се спроведе реформа во медиумите. Победникот на изборите мора да има полн и чист легитимитет, за да се надмине кризата, да се обезбеди стабилноста на државата но и Македонија да тргне напред по европскиот пат“- рече Заев.

Заеднички беше констатирано дека по оценката на ЕУ и САД за неисполнетите услови за фер избори, на сите треба да им биде јасно дека евентуални избори на 24-април нема да бидат признаени од меѓународната заедница.

Воедно, европратениците информираа дека Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, за шест дена го одложи гласањето за Резолуцијата за Македонија, којашто требаше да содржи препорака до Европскиот совет за отворање на преговорите со ЕУ.

Тоа е сигнал дека Европарламентот внимателно и одблизу ги следи настаните во Македонија од коишто зависи иднината на државата.