„Ди Велт“: Македонија клучна во бегалската криза, ЕУ ќе ја претвори во тампон-зона за бегалците

0
1072

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер сака да ја премести јужната граница од Грција во Македонија. Со вакви и слични заклучоци повеќе европски медиуми пренесуваат детали од одговорот на писмото на Јункер до словенечкиот премиер Миро Церар во кое се анализира бегалската криза и се бараат излезни решенија.

Според пишувањата, во ЕУ расте поддршката за планот од Македонија да се направи тампон-зона за спречување на движењето на бегалците кон север, но земјата нема да добие финансиска помош за тоа, туку парите ќе ги добијат земјите-членки на ЕУ кои ќе испратат дополнителни сили во Македонија.

Порталот „Политико“ пишува дека Јункер го поддржува словенечкиот предлог за засилување на македонската граница со Грција со цел да се запре бегалскиот бран кон север.
„Ја поздравувам вашата сугестија“, пишува Јункер во одговорот и ја искажува поддршката од Европската комисија сите ЕУ земји „да им пружат поддршка на властите во БјР Македонија во обезбедувањето на границата со Грција преку полициска/правна асистенција и снабдување со опрема“.

Со оглед на тоа што Македонија не е членка на ЕУ, Јункер наведува дека државите-членки на ЕУ ќе мора да постигнат билатерални договори со владата во Скопје за да се испратат полициски сили на границата. Правилата на ЕУ во моментов не дозволуваат испраќање сили на Фронтекс надвор од границите на ЕУ, но токму предлозите на Јункер од декември минатата година за засилување на Фронтекс, можат да го отворат просторот и за проширен мандат и надвор од тие граници, пишува Политико.

Тампон-зона за бегалците

Според „Фајненшл Тајмс“, во ЕУ сфаќаат дека исфрлањето на Грција од Шенген нема да придонесе во решавањето на бегалската криза, па оттука и причината „зошто одеднаш жешка тема меѓу министрите за внатрешни работи и Европската Комисија“ стана „новооткриената поддршка за ЕУ -помош за Македонија“.

„Со тоа ќе се постигне она што владите на северот долго го посакуваат- бегалците да останат во Грција, каде ќе ги минат процедурите, и доколку ги исполнат потоа ќе бидат пренасочени во ЕУ, а притоа не мора да се отвора политички отровната тема за исфрлање од Шенген“, пишува „Фајненшл Тајмс“.

Германскиот „Ди Велт“ денеска заклучува дека „Македонија станала клучна држава во кризата“, а ЕУ од неа прави „тампон против бегалците“.

„Во Брисел зајакнува сознанието дека надворешната граница на ЕУ мора да се заштити во Македонија. Логиката: колку помалку бегалци минуваат низ малата земја, толку помал ќе биде притисокот врз земји како Германија, Шведска и Австрија“. И „Ди Велт“ го цитира писмото од Јункер до Церар од кое наведува и дека Јункер ветил помош за Македонија.

Според информациите на весникот „ЕУ-членките кои се подготвени да испратат во Македонија погранични служби, за тоа ќе добијат финансиска помош од ЕУ“.