ДС: Можен е лош развој на мигрантската криза

0
823

Демократскиот сојуз предупредува на можен лош развој на мигрантската криза доколку наместо државните, бидат на преден план партиските и личните интереси.

„ДС уште на почетокот на кризата укажа на хуманитарните и безбедносните предизвици со отворањето на Балканскиот коридор, а сега се чувствуваат заканите од отсуството на државна стратегија. Постои опасност сите да ја платиме цената доколку не се дејствува во согласност со политиките на Европската унија, но пред се треба да се води сметка за нашите национални и државни интереси“, се наведува во соопштението.

ДС смета дека Република Македонија треба да инсистира на три клучни работи:

– Да бидеме будни и да се следи процесот на изнаоѓање на решение за кризата во Сирија и поширокиот регион, што е суштина за запирање на бегалските бранови.

– Бегалците да бидат прифатени од сите, како од европските така и од соседните држави, што ќе значи мобилизација на сите во решавањето на кризата и овозможување услови за побрзо враќање на мигрантите во матичните држави.

– Државите кои имаат можности и сакаат да згрижат бегалци, да организираат нивен прифат и транспорт уште од Турција. На овој начин ќе се избегне голготата на патување преку море и по Балканската рута, каде голем број од нив страдаат и плаќаат со нивните животи.

ДС смета дека Република Македонија не треба да гради кампови поради тоа што мигрантите не сакат да останат овде, а нивното присилно задржување ќе создаде други безбедносни проблеми и усложнување на состојбите кои ќе бидат на штета на Македонија.