ДИК: Избирачкиот список ќе се прочистува во простории со блокатори на радиофреквенции

0
986

Целта и задачата на Државната изборна комисија е да спроведе избори во рамките на Уставот и на законите на државата, а резултатите да бидат признати и прифатени од сите учесници во изборите и од граѓаните, рече претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, на денешната прес-конференција, пренесува „Мета“.

Чичаковски додаде дека ДИК прави сè да се направи избирачки список во кој сите ќе веруваат дека нема да има погрешни податоци.

– Пред нас претстојат уште многу обемни и сложени задачи. Пред два дена ги усвоивме методологиите за прочистување на избирачкиот список, а сега треба да се направат вкрстени проверки и статистички анализи, теренски проверки, управни постапки за утврдување на фактичката состојба во однос на спорните записи во избирачкиот список, да се утврди постапка за бришење и за дополнување на списокот и постапка за издвојување на одредени категории на граѓани за кои ќе се утврди спорност во однос на одреден запис во избирачкиот список заради намалување на можноста за злоупотреба на нивниот идентитет – рече Чичаковски.

Тој додаде дека сè уште не се знае кога ќе почне вкрстената проверка на списокот затоа што досега имаат склучено меморандум за соработка со четири државни институции. Претседателот на ДИК рече дека досега се подготвени интерни процедури за заштита на лични податоци. Исто така, биле ангажирани и пет ИТ-консултанти, од кои четири се именувани од политичките партии и еден меѓународен експерт, кој е тим-лидер. Чичаковски кажа дека имаат и простории во кои ќе можат да се вршат проверките. Тој рече дека во просториите има вграден систем за информациска безбедност, видеонадзор и блокатор на радиофреквенции.

– Проверката на податоците во списокот ќе се врши во неколку фази. Ќе се потпишуваат договори со државни органи за воспоставување правна основа за пристап до нивните бази на податоци, ќе се формираат три ИТ-тимови кои ќе работат на исти бази на податоци и на исти тестови. Целта е работата да се заврши побргу и да може добиените податоци да се споредуваат. По вкрстената проверка, обучени анкетари на ДИК ќе ја прават теренската проверка, а политичките партии ќе треба да овластат свои лица како набљудувачи на теренските проверки. Инициравме и измени и дополнување на неколку закони за да се обезбеди нормативна основа за брзо и ефикасно бришење на неконзистентните записи во списокот – објасни Чичаковски.

Тој додаде дека откако ќе почнат со вкрстената проверка и ќе видат уште колку работа им останува, ќе можат да дадат реална прогноза за тоа дали изборите можат да се одржат на 24 април.