ДВ: Пред да одат во СЈО сведоците повикувани на „друго место“ и охрабрувани да не даваат признанија

0
839

Бомбардирањето на СЈО со кривични пријави треба да обезбеди компромитација на оваа институција, со цел, доколку има обвиненија пред изборите, тие да имаат што помал негативен ефект врз гласачкото тело на власта, и уште посилно да го мобилизираат членството во одбрана на партијата од „незаконското работење на СЈО“. Генерално, ваква е оценката во правосудни кругови, по последните дванаесет нови кривични пријави што ги „заработи“ Специјалното обвинителство, сите поднесени во ист ден и на иста основа – „малтретирање при вршење на службата“. Со тоа бројката на кривични пријави против СЈО достигна до 19, пишува Дојче веле.

Во јавноста се шират многу шпекулации за притисоците, методите, па и „цената“ за учеството во дискредитацијата на СЈО. Извор на ДВ, запознаен со мотивите за пријавата што едно физичко лице ја поднело против СЈО, вели дека тоа лице било под „голем притисок“ да го стори тоа.

„Пред да биде повикан во СЈО, бил повикан на ‘друго место’. Му било речено дека ова (СЈО – н.з) кратко ќе трае, дека не смее да се покаже страв или малодушност, дека по изборите ‘некој ќе мора да си ги спакува куферите’, дека ако никој не дава ‘материјал’ (искази, признанија – н.з.) таму нема да имаат никакви валидни докази за да може покренат обвиненија“, објаснува соговорникот, додавајќи дека многу лица биле мотивирани и охрабрувани да испраќаат „честитки“ до СЈО.