Гарет за медиумските реформи: На чело на „Би-Би-Си“ се луѓе што ги оставаат политичките ставови дома

0
1025

Во „Би-Би-Си“ на чело се луѓе што се одбрани според вештините и стручноста и од нив бараме да ги остават политичките ставови дома, вели британскиот амбасадор Чарлс Гарет, како коментар на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во Македонската радиотелевизија да има два уредника, еден од власта, еден од опозицијата.

– Во британскиот јавен сервис „Би-Би-Си“ и во другите јавни институции поставуваме луѓе според вештините што ги поседуваат и стручноста што ја имаат. Од нив бараме да ги остават политичките ставови дома. Но, тука останува на работните групи на политичките партии тоа да го решат и да утврдат тоа што мислат дека е најсоодветно за сите прашања што ги дискутираат – рече Гарет на јавната презентација на документот „Етички и професионални принципи на МРТ за медиумско покривање на изборните процеси“.

Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски, рече дека не сака да коментира партиски ставови и дека МРТВ ќе излезе со став откако ќе заврши процеост.

– Откако се почнати преговорите за медиумите, не коментирам никакви партиски ставови. Сeпак, тоа е одлука на политичките партии да искреираат решенија што ќе бидат имплементирани во МРТВ, а друго е прашањето дали тие се во согласност со европските стандарди или не. Да почекаме да заврши тој процес, па на крај ние како МРТВ ќе дадеме став за конечното решение што ќе биде донесено – рече Цветковски.