(ВИДЕО) Специјализанти: Тодоров не е „велики брат“, не се согласуваме испитите да се реално шоу

0
1059

Младите специјализанти пред Собранието го елаборираа својот став кон, како што велат нефер и дискриминирачкиот нов Закон за здравствена заштита. И оние кои сами од џеб си ја финансираат специјализацијата и оние специјализанти кои установата во која работат им ја финансира специјализацијата, се против новите измени во законот за здравствена заштита кој е во собраниска процедура, пренесе ТВ21.

Приватните специјализанти кои работат а истовремено специјализираат во здравствени установи ниту добиваат плата, ниту придонеси, а доколку згрешат се казнуваат како да се вработени. Оние пак на кои здравствената установа им ја покрива специјализацијата,  добиваат плата, но доколку по кој било основ ја напуштат клиниката треба да вратат три пати повеќе од парите кои се дадени за нивно школување.

„За работата што ја работиме не добиваме ниту денар плата. Немаме статус на вработени лица, не ни тече стаж немаме здравствено и пензиско осигурување. Во услови на  демократско општество, нашата држава не третира како робови. Работиме, а не добиваме плата. Нас многу често не ословуваат како млади доктори, меѓутоа ние сме млади по статус во здравствениот систем, а не по возраст. Ние се доведуваме во ситуација не само да не можеме да го прехраниме семејството туку и не може да формираме семејство поради егзистенцијални проблеми.“ изјави Билјана Додева, специјализантка.

Според нив, со законот им се нарушува и правото на приватност бидејќи според новите измени, предвидено е и сите испити да бидат снимани за да може сите да ги видат колку знаеле за време на испитот.

„Со новиот закон за здравствена заштита, предвидено е сите испити во текот на специјализацијата да бидат снимани, а со директен линк да бидат пренесувани на страната на министерството за здравство за пошироката јавност. Ние не сме реални ѕвезди, туку сме доктори и публика не ни е народот, а министерот не е „Велики брат“. Ние не се согласуваме овие испити да се сведуваат на реално шоу и на толку ниско ниво да сме крајно деградирани и понижувани“, рече Додева.

На обвинувањата на специјализантите дека законот е дискриминирачки, односно, доколку еден приватен специјализант за време на специјализацијата е на боледување повеќе од 12 месеци, ја губи специјализацијата без право на повторно специјализирање и ако една специјализантка е на породилно отсуство повеќе од 24 месеци исто може да ја изгуби специјализацијата, за министерот за здравство Тодоров, ова се изолирани случаи и специјализантите нема да ја губат специјализацијата.

„Тоа се објективни пречки кои не треба да предизвикуваат било какви права. Доколку некој се разболи или има вакви објективни пречки како што е патолошка бременост, не треба да претставува основ за раскинување или за трпење на било каква штета“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

https://www.youtube.com/watch?v=27e9ben41_Y

Според специјализантите, новина е и интермедијарниот специјалистички испит на средината од специјалистичките студии кој ако не се положи од прва, пропаѓа целата специјализација.

„Со последниот закон за здравствена заштита за прв пат се воведува интермедијарен специјалистички испит на средината од специјализацијата, кој мора да се полага и мора да се положи од прв пат, ако не се положи се губи специјализацијата. Значи се претходно си полагал, во вид на колоквиуми и работни задачи се паѓа во вода и се губи специјализацијата“., изјави специјалзантката Фанче Петреска

Во писмото кое неодамна специјализантите му го пратија на министерот Тодоров бараат да се стопира донесувањето на новите прелог законски измени во Законот за здравствена заштита и наместо со преодни и парцијални решенија да се пристапи кон трајно решавање на статусот на сите специјализанти. „Во денешно време срамота е за една современа земја која тежнее да стане ЕУ членка вака да ги третира своите лекари специјализанти, на најдолното општествено скалило“ пишуваше во соопштението упатено до министерот.