(ВИДЕО) СДСМ: Валандово масовно се празни, власта крие

0
1066

„Транспарентноста и јавноста на сите активности на локалната власт се едни од основните загарантирани права на граѓаните. Но, како што веќе знаете, Седниците на Советот на Општина Валандово и активностите на локалните власти во изминатиов период воопшто не се транспарентни и достапни за пошироката јавност, па со самото тоа граѓаните на нашата општина се соочуваат со недостаток на основни информации околу активностите и дејанијата на локалните власти во Валандово предводени од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Перо Костадинов, Координатор на Советничката група на СДСМ.

„Сакаме да ги информираме граѓаните на Општина Валандово дека Буџетот на Општина Валандово за наредната 2016-та година по направените корекции на Нацрт Буџетот е проектиран на рекордни 308.794.000 денари. Проекцијата на планираните приходи во Буџетот за 2016-та година е нереална и неостварлива кога од неа ќе се одземат блок дотациите и донациите. Имајќи ги во предвид Извештаите за реализација на Буџетите на Општина Валандово од претходните години можеме да констатираме дека нашата општина во моментов воопшто нема фискален капацитет за реализација на планираните приходи, па следствено на тоа, и расходната страна на локалниот буџет претставува само список на желби, односно претставува најобичен политички памфлет.

Советничката група на СДСМ во Советот на Општина Валандово јавно го прашува Градоначалникот на Општина Валандово Николче Чурлиновски врз основа на што се очекува, односно кои се тие нови инвеститори кои реално би ја реализирале зголемената приходна страна?! Доколку тој има повеќе информации од нас бараме јавно да ги сподели истите со граѓаните на Општина Валандово.

Општина Валандово во изминатите десет години се соочува со најмасовниот егзодус во својата историја, посебно на својата млада популација. Но, и покрај страотното празнење на градот и општината, локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ не нуди ниту стратегија, ниту концепт за стопирање на негативниот тренд и за отварање на нови позитивни перспективи.

Не само што не се нуди локална развојна стратегија и концепт, туку застрашувачкиот процес и тренд се продлабочува и галопирачки се шири. Општина Валандово се соочува со хроничен недостаток на инвеститори и на нови техничко-технолошки капацитети и работни места. Иселувањето продолжува, бројот на новозапишани ученици во општинските училишта се намалува, процентот на социјално ранливо, невработено и болно население се зголемува. Проектираниот буџет на Општина Валандово за 2016 година освен што нема развојна, нема ниту вистинска социјална компонента.

Аматерско изведените повеќенаменски игралишта, терени, тротоари и реставрации не можат да го задржат населението да остане овде. Ниту најавениот рударски комплекс во Казандол може да го стопира трендот. Напротив, најавениот комплекс може да генерира само дополнително иселување и дополнителни штети по здравјето на граѓаните и земјоделието.

Граѓаните имаат потреба од нови работни места, од економска стабилност, од нова технологија, од нов менаџмент, од социјална заштита и од нови перспективи. Но, локалните власти предводени од ВМРО-ДПМНЕ веќе цела деценија тоа не им го овозможуваат.

Бараме од локалните власти веднаш да се престане со аматеризмот и со погубните политики. Општината позната по песната, по еколошките јапонски јаболка и калинки наголемо станува позната само по масовното иселување на своето население и по најавениот рударски комплекс. Тоа мора да прекине. Веднаш“, рече Перо Костадинов.