(ВИДЕО) Пендаровски: Да нема нов датум за избори додека не се имплементира во целост Договорот во Пржино

0
1010

Изјава за медиуми на Стево Пендаровски, носител на столбот Партнерства за Македонија на СДСМ:

Денеска сме во Демир Капија да се видиме со луѓето кои живеат во еден од најпасивните краеви во Македонија, за жал. Она што можеме да го чуеме од разговорите со нив проблемите се исти практично во цела држава.

Економијата е во катастрофална состојба. Економско-социјалната ситуација генерално е на многу ниско ниво. Практично ваква сиромаштија не се памети од 90-та до денес во независна Македонија.

Како што одиме од општина во општина, од град во град, од село во село истата приказна ја слушаме од сите граѓани дека вака во Македонија повеќе не може да се води политика, вака не може да се води држава. Нивните надежи се во промена на политичката гарнитура којашто ја има узурпирано власта во последните години. Нивната надеж е во следните избори коишто мора да бидат демократски, слободни и фер за воопшто да може да добиеме кредибилен победник и луѓе кои ќе знаат да ја поведат земјата нагоре од ова дно на коешто е допрена.

Деновиве очекуваме одлука во однос на претстојните парламентарни избори, поточно изместување на рокот којшто беше еднострано договорен од двете партии во сегашната влада за 24-ти април. Очекуваме овој пат да не се фиксира нов датум за избори се додека не се имплементираат во целост обврските од Договорот во Пржино.

Ако се имплементираат како што е договорено, како што се потпишани тие обврски од тој договор, општо е уверувањето, не само овде во Демир Капија, туку во цела Македонија, дека опозиционото расположение е на највисоко можно ниво и дека е неспорно доминантното мнозинство во Македонија на страната на здружената опозиција и на целокупниот граѓански сектор кој подржува подобра, слободна и европска Македонија.

Значи со надеж дека ќе биде подобро продолжуваме со нашиот караван низ останатите делови на Р.Македонија и пораката којашто ја испраќаме тука и до останатите граѓани во останатите општини во Р.Македонија е истата: немој да губите од енергијата којашто ја имате од лани па до денес во континуитет, затоа што промените доаѓаат и тие ќе се случат многу брзо.