(ВИДЕО) Општина Центар: Реновирана сала и прирачник за транспарентно работење

0
1282

Општина Центар и Центарот на заедницата ја отворија реновираната сала на Советот и го промовираа општинскиот прирачник за граѓаните.

“Реновираната сала е за потранспарентно работење на Советот и на општината и за зголемено учество на граѓаните во процесот на носење на одлуките“, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Граѓаните сега може да присуствуваат на седниците на Советот за да се слушнат нивните идеи во носењето на одлуките.

Прирачникот ги дефинира процедурите и надлежностите на граѓаните, преку кои се олеснува пристапот до услугите на општината. Овој проект е исклучително значаен и е поддржан од Фондацијата Отворено Општество – Македонија.

Двегодишната соработка и реализирање на проектот дава резултати, рече директорката на ФООМ, Фани Каранфилова Пановска.

“Проектот, кој што од 2014-та се реализира, освен во општина Центар и во две други општини, покажува што значи владеење и функционирање на една општина во држава која тежнее да е европска. Отворените општества ширум светот сакаат да градат држави каде што граѓаните можат да кажат што сакаат и што мислат, дури и тогаш кога власта не се согласува со тоа“, рече Каранфилова Пановска.

Центарот на заедницата е формиран во рамките на концептот “Општина по мерка на граѓаните“.

На промоцијата присуствуваа граѓани од општина Центар, претставници на невладиниот сектор и претставници од меѓународни организации.