(ВИДЕО) Наумов: ВМРО-ДПМНЕ ги задолжи граѓаните со историски најголем јавен долг над 4 милијарди евра

0
1251

„Сите опозициони партии продолжуваат со средбите помеѓу граѓаните.

Пред се, ја потенцираме одлуката за тоа дека на 24-ти април не се исполнети условите за фер избори и доколку тој датум остане нема да одиме на вакви избори. Бараме да се исполнат сите услови, пред се целосно прочистување на избирачкиот список и регулирање на слободни медиуми“, рече Кире Наумов, претседател на Комисија за финансии на СДСМ и дополнителен заменик-министер за финансии, во Гостивар.

„Дури откако ќе бидат исполнети овие услови, нема проблем, одиме на фер избори на коишто ќе победиме. Од граѓаните , од останатите опозициони партии и од невладините организации ја бараме подршката и од секаде добиваме подршка дека мора да истраеме на тоа, дека не е возможно во Република Македонија да се одржат уште едни нефер избори на којшто Груевски ќе сака да ја задржи власта. За него тоа не значи само задржување на власта, туку пред се значи спас од она што следува, а тоа е правна разрешница на сите криминали коишто тој и неговите соработници ги правеле во изминатиот период.

Истовремено би сакал да кажам дека она што се обидувавме да го направиме во периодот, во мојот ресор, е спречување на финансиска корупција на изборите.

Вчера добивме официјален податок од Министерството за финансии дека на 31.12.2015 година, имаме историски најголем јавен долг од над 4 милијарди 224 милиони евра.

Тоа е историски најголем долг во апсолутна вредност откако е осамостоена оваа држава. Тоа значи дека веќе и по нивните податоци излегува дека долгот е 47% од бруто – домашниот производ.

Само во овие последни месеци, односно во последните 90 дена од минатата година, оваа Влада не задолжувала по 3 милиони евра дневно. Доколку не успеевме да ја преполовиме еврообврзницата задолжувањето ќе беше по 6 милиони евра дневно.

Ако продолжи ова темпо, имајќи во предвид дека власта и во првите 2 – 3 недели од Јануари не задолжи за 40 милиони евра, некаде до средината на годината долгот ќе достигне над 50% од БДП. Тоа е веќе класично должничко ропство и Македонија ќе влезе во фаза на високо задолжена држава којашто нема да може понатаму да ги сервисира своите долгови“, изјави Наумов.