(ВИДЕО) Заев на предновогодишна забава со лицата со посебни потреби од „ПОРАКА“

0
1583

Насмеани лица, искрени прегратки и скромни желби за Новата година во прекрасен новогодишен амбиент, вака беше попладнево во просториите на центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ во Струмица на предновогодишната забава. Традиционално и оваа година со членовите на „ПОРАКА“ беше и градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев. Како долгогодишни пријатели уживаа во забавата, заедно пееја и споделуваа прекрасни предпразнични чувства.

-Традиционално, како и секоја година јас ја имам честа веќе 11 години по ред, а по повод новогодишните празници, да се дружиме заедно со децата со посебни потреби од „ПОРАКА“. Со дедо Мраз и со овие прекрасни млади од Младинскиот совет овозможивме заедничко дружење и поделување на новогодишните пакетчиња  и тоа пред моментот на очекувањето дека ќе дојде една поубава 2016 година за сите. Јас сум среќен заради тоа што животот на овие дечиња и нивните родители секоја година е поорганизиран, Општината продолжува со поддршката и помошта кон „ПОРАКА“ и се надевам дека сите чинители во општеството максимално ќе се вклучат како би можеле овие деца да бидат вклучени во секојдневниот живот заедно со сите други дечиња и се надевам дека во 2016-та година ќе се исполнат пред се желбите кои што ги имаме сите ние, а тоа е многу здравје, многу успех, многу бериќет и многу среќни моменти во годината која што доаѓа, рече градоначалникот Заев.