(ВИДЕО) Заев: Ги боли мојата чест и углед, па ми го напаѓаат семејството

0
1396

303

Очекувана и предвидлива е безобразната агресија на власта врз мене и моето семејство. Не можат да поднесат што јас и СДСМ аргументирано ги обелоденуваме криминалите на роднинско-партиската олигархија на ВМРО-ДПМНЕ. Избезумени се од документите за богатството на досега недопирливиот Сашо Мијалков. Ги болат податоците за богатењето на Гордана Јанкулоска, Влатко Ѓорчев, за првите соработници на Никола Груевски, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од Струмица.

– Милионските проневери и анексите на договори за Скопје 2014 и другите спектакуларно најавувани инвестиции станаа ноќен кошмар за власта. Секојдневно, како кула од карти. се руши митот за чесност и работливост на Никола Груевски. Во агонијата во која се наоѓа, ВМРО-ДПМНЕ го употреби проверениот  механизам за дискредитација на противникот.

Преку дрска и злобна медиумска кампања се нафрлија врз моите и честа и угледот на семејството Заеви. Јас и моето семејство тоа задоволство нема да им го приуштиме. Порталите Курир, Нетпрес и останатите медиуми контролирани од власта, за лагите и клеветите објавени во текстови во кои се зборува за „Скандалозното однесување на семејството Заеви“, „Заеви заработуваат на грбот на земјоделците“, „Заеви ги трујат граѓаните“ и сл. ќе бидат повикани на одговорност пред надлежните судови во Република Македонија. Во судот ќе биде повикан и извесниот господин Никола, кој се претставува како претседател на некакво здружение на земјоделци и инволвираните пет-шест земјоделци кои изнесоа гнасна лага и го обвинија моето семејство за загрозување на здравјето на граѓаните. Секој што е соучесник во диригираната операција на власта за рушење на честа и угледот на семејството Заеви, нема да остане неказнет.

Јас сум непоправлив оптимист и верувам дека судската власт и покрај тортурата на која е изложена, ќе се охрабри, ќе ги води процесите по словото на законот, со што ќе се докаже неправдата што ми се нанесува мене и на моето семејство. Семејството и семејните вредности се светост за секој граѓанин во Македонија. Јас и моето семејство ќе преземеме се што е во наша можност, ќе го вложиме сето она што го поседуваме, се додека инспираторите на оваа дрска, гнасна и злобна конструкција за рушење на честа и угледот на семејството Заеви и фирмите во наша сопственост не ја добијат заслужената казна – рече Заев.