Бате Саше уште се „мрси“ на наша сметка – Транспарентност Македонија: Милионски суми народни пари на сметката на СГС

0
1119

Во најновиот билтен за јануари 2016 г. на Транспарентност Македонија ќе може да прочитате за следното:

ПОЛИТИЧКА КОРУПЦИЈА

  1. Поранешниот премиер Никола Груевски продолжува со разни активности – промоции на нови инвестиции, ветување вработувања, бенефиции на одделни  категории на граѓани кои би биле финансирани од Буџетот на РМ, па дури и повлекување на одлуката на Владата за продажба на споменик на културата во Битола по острата реакција на граѓаните – кои се во исклучива надлежност на државни функционери, како премиер, министри, директори на агенции, градоначалници и сл. Дополнително, иако е само лидер на политичка партија, Груевски за ваквите партиски активности користи буџетски средства или средства од јавните фондови на државата.

ИСТОРИСКИ НАЈВИСОКО НИВО НА ЈАВЕН ДОЛГ

  1. Јавниот долг на Република Македонија веќе достигна историски највисоко ниво и се приближи на скоро 50% од бруто домашниот производ на земјата. За домашната експертска и стручна јавност веќе не е спорно дека земјата се наоѓа во црвената зона и проблемите со сервисирањето на обврските ќе бидат сè повеќе и повеќе изразени. Она што најмногу загрижува е фактот што надлежните институции, пред сé Владата и Министерството за финансии, сакаат да го релативизираат проблемот со висината на јавниот долг, а владеачката ВМРО-ДПМНЕ упорно повторува дека Македонија е една од најниско задолжените земји во Европа.

НОВИ ДОЛГОВИ НА ФОНДОТ ЗА ПЕНЗИСКО И ИНВАЛИДСКО ОСИГУРУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА (ПИОМ)

  1. Во извештајот за месец декември 2015 г. ТМ ги изнесе проблемите што го следат Фондот за ПИОМ и неговите долгови во тогашен износ од околу 13 милиони евра кон двете друштва кои управуваат со двата задолжителни приватни фондови – НЛБ Нов пензиски фонд и КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд. На почетокот на јануари 2016 г., заедно со спроведената аукција на државни хартии од вредност од страна на Министерството за финансии, се изврши емисија на дополнителни државни хартии од вредност, а со добиените пари е покриен долгот на ПИОМ кон наведените приватни пензиски друштва за 2015 г.

ПАРТИЗАЦИЈА НА ЗАКОНСКИ ДЕФИНИРАНИТЕ НЕЗАВИСНИ КОМИСИИ

  1. Со изборот на новите членови на Комисијата за заштита од дискриминација целосно се игнорирани законските критериуми, со што Владата уште еднаш  недвојбено манифестира дека ја продолжува практиката да ги крши законите кои самата ги предлага, а Собранието како нејзин извршител ги усвојува. Имено, според чл. 16 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата за заштита од дискриминација е самостоен и независен орган кој работи согласно надлежностите утврдени со овој Закон. Во чл. 18  од истиот Закон е предвидено дека за член на Комисијата може да биде „именувано лице кое има високо образование и искуство од областа на човековите права или општествените науки”.

МИЛИОНСКИ СУМИ НАРОДНИ ПАРИ НА СМЕТКА НА СЕКЈУРИТИ ГРУП СЕРВИСИС (СГС)

  1. СГС е агенција за обезбедување за која во јавноста се претпоставува дека е во блиски врски со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Тоа, врз основа на објавените „бомби”, се потврди дека не е шпекулација.
  2. За само 5 години од основањето, СГС стана доминантна во бизнисот со обезбедување, потиснувајќи ги зад себе сите останати фирми со долгогодишна традиција и искуство. Оваа агенција ги има добиено речиси сите поголеми и поважни тендери распишани од страна на државни и јавни институции, бидејќи тендерите се распишуваат со услови кои може да ги исполни исклучиво агенцијата СГС. Најсвеж пример е објавениот оглас од страна на ЈП „Нискоградба” од Битола, за ангажирање на двајца чувари. Во објавениот оглас на веб страната на Бирото за јавни набавки еден од клучните критериуми е фирмата да достави доказ дека има минимум 250 вработени кои имаат легитимации за обезбедување.

И преку овој билтен Транспарентност – Македонија продолжува да укажува и предупредува на неправилности и непочитување на процедурите и добрите практики во спроведувањето на јавните политики и трошењето на јавните пари во општеството.

Целосниот билтен можете да го прочитате на следниот линк ОВДЕ.