Барселона без Меси против Реал Мадрид

0
1358

Лионел Меси нема да игра на дерби мечот со Реал во Мадрид, кој на програмата е на 21. ноември, пренесуваат шпанските медиуми.

Меси се опоравува од повредата на лигаментите на левото колено, а истиот извор пренесува дека рехабилитацијата не оди според планираното и дека Аргентинецот нема да биде подготвен да игра во „Ел Калсико“.

„Лео веќе отпадна од комбинација за мечот со Реал на Сантијаго Бенранбу“, пишува Sport и додава дека во Барселона се внимателни за да не ја влошат повредата на својот најдобар играч.

„Мечот со Реал ништо не решава. Не е последно коло, не е натпревар на ’живот или смрт’. Тоа е само натпревар за престиж и три бода“, пишува весникот.

Реал и Барселона, по десет одиграни натпревари во Примера, ја делат првата позиција на табелата со освоени 24 бодови. До меѓусебниот дуел на 21.ноември, двата тима ќе одиграат уште по еден натпревар, на 8.ноември Барселона ќе игра против Виљареал, а Реал ќе гостува во Севилја.

Лионел Меси се повреди на 26. септември на натпреварот со Лас Палмас. Оваа сезона има одиграно десет натпревари на кои постигнал шест голови.