Барокот нема да запре ни во 2016, милиони евра „капарисани“ за фонтани и за фасади од стиропор

0
1330

Буџетот на Град Скопје во 2016 година ќе тежи 112,2 милиони евра, што е за 16 проценти поголем од годинашниов. Од собраните пари, Скопје и понатаму ќе продолжи да се „облекува“ во барок, а пари се наменети и за кружни текови, за атмосферска и фекална мрежа, за проширување на улици и булевари, но опозицијата се сомнева дека овие проекти ќе бидат реализирани во предвидениот обем.

За нови барокни фасади ќе бидат потрошени уште 5,7 милиони евра, за нови плоштади и фонтани 3 милиони евра, за одржување на фонтаните и спомениците речиси 500.000 евра. Уште 500.000 евра се предвидени за пристапни површини околу седиштето на ВМРО-ДПМНЕ! За Градската куќа на Кале, Град Скопје си издвои 2,6 милиони евра, каде што ќе се сместат вработените од оваа институција. Вкупно, за сè што е наречено „капитална инвестиција“, во Буџетот на Град Скопје ќе се потрошат 52 милиони евра. Повеќе од 6,5 милиони евра се предвидени за социјални трансфери и за субвенции, од кои најголема е ставката за субвенции за јавните претпријатија што се под капата на Град Скопје и за нив се наменети над 4 милиони евра.

Опозициските советници, на седницата на Град Скопје каде што беше претставен новиот буџет, бурно реагираа на понатамошното одвојување пари за барок за сметка на неопходните, суштествени потреби на граѓаните. На вака презентираниот буџет реагираше СДСМ, од каде што бараа оставка на градоначалникот Трајановски „Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ не работат во интерес на граѓаните и за тоа има само едно решение. Оставка на Коце Трајановски и нови избори за градоначалник на Скопје“, порачаа од СДСМ. Трајановски, пак, одговори: „Наместо да обвинува и да бара оставки, СДСМ треба да предложи конкретни решенија за градот Скопје“.

Трајановски нагласи дека Град Скопје во рамките на своите ингеренции континуирано прави максимални напори за намалување на загаденоста, дека се проширени многу булевари и се направени нови паркови, засадени се дрвца, а набавени се нови камиони и канти за ѓубре. СДСМ потсети дека капиталните инвестиции и во претходниот буџет имаа слаба реализација. „Со години наназад најголема реализација имаме само кај барокните фасади, плоштадите и фонтаните. За сè друго има објаснувања, зошто во секој квартал реализацијата на проекти како реконструкција на училишта или за заштита на животната средина не мрднуваат од нула. Значи, најмало остварување имаме во проектите што се суштински најзначајни за граѓаните“, рече Дамјан Манчевски од СДСМ.

За струја и за вода за фонтаните и за спомениците повеќе од 86.000 евра

За да има вода во фонтаните, за да бидат осветлени, а за да светат и спомениците, од буџетската каса oвaa година ќе бидат потрошени повеќе од 86.000 евра. Одржувањето на фасадите и на спомениците чини 487.804 евра, а за одржување фасади и згради се издвоени над 65.000 евра. За илуминација на споменици, скулптури и фонтани се предвидени дополнителни повеќе од 80.000 евра.

Извор: Граѓаните