Анкетната комисија со два тима ќе влегува во УБК, Царина, МВР, Телеком, АЕК…

0
1446

Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето на денешното продолжение на четвртата седница именуваше две работни групи, кои до крајот на месецов треба да ги посетат институциите поврзани со работата на комисијата, пренесува „Мета“.

Членовите од едната група ќе одат во посета на службите и на институциите што располагаат со техника и со технологија за преслушување, односно Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Агенцијата за разузнавање (АР), Цариската управа, телекомуникациските оператори, додека другата група ќе оди во тие инсиституции што се поврзани со правната проблематика, како Министреството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Специјалното јавно обвинителство, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Формирањето две работни групи, како што рече претседателот на комисијата, Петре Шилегов, било договорено на координација меѓу членовите на комисијата од партиите.

Анкетната комисија едногласно ги изгласа членовите на двете работни групи.

Така, во УБК, АР, Царинската управа и во телекомуникациските оператори од членовите на комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе одат Силвана Бонева, Курсто Мукоски, Павле Саздов, Лилјана Затуроска, од СДСМ Томислав Тунтев и Васко Ковачевски, од ДУИ ќе оди Ејуп Рустеми и од ДПА, Ернат Фејзулау.

За членови на другата работна група од ВМРО-ДПМНЕ се именувани Владанка Авировиќ, Антонио Милошоски, Димитар Стевананџија и Магдалена Манаскова, од СДСМ Петре Шилегов и Горан Мисовски, од ДУИ Талат Џафери и независната пратеничка Роза Топузова-Каревска.

На денешната седница членовите на Анкетната комисија го задржаа пристојното ниво на комуникација, за разлика од претходните седници. Единствено мало натегање и различни ставови имаше околу динамиката и термините за посета на институциите.

На крајот беше донесен, како што го нарече Шилегов, „пофлексибилен заклучок“, односно посетите да бидат на 22, 23 и на 24 декември, а најдоцна до крајот на месецот, а седницата на која треба да бидат предложени нови сведоци што би произлегле од извештаите на двете работни групи, да биде одржана во периодот од 28 декември до 1 јануари 2016 година.

Извор: Мета