Анкета на ЦИВИЛ: Не се создаваат услови за слободни избори во Македонија

0
1060

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја спроведе втората онлајн анкета во рамките на проектот Слободни избори за слободни граѓан(к)и. Во оваа анкета се поставија прашања кои се однесуваат на тековните политички процеси во земјата, на улогата и одговорностите на главните учесници во политичките преговори за надминување на политичката криза, како и на прашања кои директно се однесуваат на вонредните избори, закажани за април 2016 година.

Во анкетата учествуваа 503 испитаници. Онлајн анкетата траеше до 9 ноември, пред да се назначат новите министри и заменици министри од редовите на опозицијата во македонската влада.

Според анкетата, дури 75 отсто од испитаниците велат дека во Република Македонија не се создаваат услови за слободни избори. Што се однесува до преговорите, 60 отсто од испитаниците ја препознаваат меѓународната заедница како клучен фактор во надминувањето на политичката криза во земјата, додека кочењето и неспроведувањето на Договорот за нејзиното надминување го припишуваат на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со дури 84,25 отсто.

Според резултатите од онлајн анкетата на ЦИВИЛ, 95,83 отсто од испитаниците веруваат дека институциите во државата се партизирани.

Го поставивме и прашањето дали истовремено со предвремените парламентарни избори треба да се одржат и предвремени претседателски избори, што е дел и од јавните заложби на ЦИВИЛ од самиот почеток на политичкиот процес во земјата. Потврдно на ова прашање одговорија 70,38 отсто од испитаниците, што е во прилог и на јавните барања на ЦИВИЛ.

Наспроти притисоците да се забранат политичките „бомби“ на опозицијата, 85,69 отсто од испитаниците сметаат дека таа треба да продолжи со објавување на прислушуваните разговори кои сведочат за злоупотреби и криминалите на власта.

Речиси една третина од испитаниците (27,04 отсто) веруваат дека Специјалната јавна обвинителка ќе работи самостојно, непристрасно и без притисоци, додека 42,54 отсто од нив сметаат обратно.

Повеќето од испитаниците сметаат дека меѓуетничките односи се во добра (54,67 отсто), односно многу добра состојба (9,15 отсто), а 56,50 отсто од нив веруваат дека во предизборниот период нема да дојде до нивно влошување. Сепак, дури 94 отсто од испитаниците веруваат дека политичките партии ги злоупотребуваат меѓуетничките односи во Република Македонија“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.

Деталниот преглед на одговорите погледнете го ТУКА.