Ало Марко

0
1041

Ви пренесуваме дел од новата колумна „Сакам да кажам“ на Горан Михајловски:

Кој чул дека обвинителите нешто работеле во оваа држава додека не се појави Катица Јанева? Ама се разработеа во трката што прво ќе се случи – дали изборите или некое обвинение на Специјалното обвинителство. Па нормалните обвинители им стегнаа кривични пријави на специјалните обвинители. Како тргнале со кривичниве пријави, ако дојде до судење, па уште и ако некој судија го осуди Груевски, и на судијата ќе му стегнат кривична пријава за малтретирање.

Ваква ажурност на нормалните обвинители немаме видено од лани ова време кога издадоа соопштение со кое забранија да се објавуваат бомбите на Заев и им се заканија на новинарите дека ќе ги носат во затвор ако ги објавуваат. Ние дури сега откривме дека сме имале обвинители. И не само обвинители. И Совет на јавни обвинители сме имале. Па тие дури и седници имале. Па и работат нешто. И изјави даваат. Па дури и свое мислење имале.

Додуша, за државниот обвинител Марко Зврлевски слушнавме дека работи нешто дури лани ова време. Кога го слушнавме разговорот помеѓу Гордана Јанкулоска додека беше министерка за внатрешни работи и Зоран Ставрески, кога таа му се фалеше дека му средила кај Марко да отфрли кривична пријава за него. „Му спомнав на Марко, со тоа што му реков види, вака-така, не отфрли ја пријавата, него види да ја завршиме побрзо“, му раскажуваше Гордана на Ставрески и го успокои со зборовите: „Он знае што значи тоа. И после ми се јави назад и ми кажа, да знаеш тоа што ми даде задача, завршено е.“

Обвинителот постапувал по слушнат глас. Само бил малку селективен со слушањето. Не го слушал гласот на јавноста. Ама затоа кога ќе го чуел гласот на Гордана, он си знаел што значи тоа. И бидејќи обвинителот и треба да постапува по слушнат глас, а Зврлески има навика да слуша, стигнаа и кривични пријави за луѓе од тимот на Специјалното обвинителство. „Да знаеш, тоа што ми даде задача, завршено е“.

Американскиот амбасадор Џес Бејли во порака на социјалната мрежа Твитер напиша: „Новинарите треба да прашуваат тешки прашања, а кандидатите и официјалните лица треба да одговараат.“

Што збориш амбасадоре? Стварно така е? Новинарите прашуваат, а политичарите одговараат? Кога ќе се сетам, мислам дека некогаш и тоа се случувало. Сме прашувале и ни одговарале. Ама во Македонија новинарите во последно време сами се откажаа од поставување прашања. Барем последниве пет-шест години златното правило на македонското новинарство е следново: Ако одиш на некој настан, или на прес конференција не прашувај. А ако некој се осмели да праша, не објавувај.

Ми раскажа една колешка дека пред неколку дена имало брифинг во МНТ. Го промовирале Томаж Пандур, режисер од Словенија , еден од најпознатите европски режисери, кој ќе го поставува „Кралот Лир“ од Шекспир во Скопје.

За да не пропадне брифингот, а и за да не се посрамотат домаќините пред гостинот, директорот на театарот им рекол на новинарите: „Ај сега поставувајте прашања“. Две колешки од оние побогатите телевизии се нашле во небрано и рекле: „Прашања!? Па чекај, ние не ги знаеме прашањата!“

Целата колумна прочитајте ја на следниот линк ОВДЕ.