АНАЛИЗА: Јазот бавно се стеснува, 2,9 вработени издржуваат 1 невработен!

0
992

За десет години, невработеноста во земјава од 30,9% се намали на 25,5%, колку што таа изнесува во третиот квартал од годинава. Преку бројки тоа значи дека за пет години, бројот на неврботени се намалил за 52 100 илјади лица, а во истиот период пак бројот на вработени се зголемил за 51 800 луѓе. Според Владата трендот на зголемување на вработеноста е резултат на актуелните економски политики. Дел од економистите велат за неделната економска анализа на Порталб дека состојбата зависи од повеќе фактори, меѓу кои и “легализирање“ на дел од вработувањата на црно но и исселувањето на работоспособното население.

Што ја намалува невработеноста а ја зголемува вработеноста…

Анлизите на квартално и на годишно ниво покажуваат раст на вработеноста и намалување на невработеноста. За девет месеци, или во септември годинава во споредба со состојбата на крајот од декември, лани, бројот на вработени во земјава се зголемил 15 334 луѓе. Најновите податоци на Заводот за статистика покажуваат дека во третиот квартал стапката на невработеност изнесува 25,5%, и таа една од историски најниските стапки на невработеност измерени во Македонија.

“Мојот сон се остварува. Стапката на невработеност падна на историски ниски 25.5 отсто. Од околу 38 отсто во 2006-та на денешни 25.5 отсто заклучно со септември оваа година. За само еден квартал се намали за 1.3 отсто. Истовремено расте на бројот на вработените во земјата, од околу 560 илјади вработени во Македонија кога дојдовме во владата, денес имаме регистрирани 711 илјади ново отворени работни места, што е за скоро 150 илјади повеќе. Тоа се 150 илјади ново отворени работни места“, напиша на својот ФБ профил, премиерот Никола Грувески.

Според објавените податоци на државната статистика, во земјава има вкупно 711 380 вработени лица, од кои 555 554 се во приватниот сектор а 155 826 се во “друга сопственост“, во која доминира државниот сектор. Во споредба со состојбата на крајот на 2014 година, регистрирано е зголемување на бројот на вработени нешто повеќе од 15 илјади.

“Кај новите вработувања, симптоматично е што две третини од тој раст е во една дејност, трговијата (околу 8000 лица). 8000 нови вработувања во трговијата, за три месеци, е навистина голема бројка. Тоа е околу 8% квартален раст, т.е. 37% ануелизиран. Нема се уште податоци за трговијата во третиот квартал, така што не можам да направам споредба со нив, ама чудно е трговијата толку да порасне во услови на политичка криза и забавена економска активност“, вели за Порталб економистот Бранимир Јовановиќ.

Според дел економистите, прашањето за намалување на невработеноста има повеќе димензии и за да се добие реална слика за состојбата, треба да се анализираат неколку фактори: дали се работи за нови вработувања во приватниот сектор, колкав е уделот на вработувањата во државниот сектор, потоа колку чинат субвенционираните вработувања и како врз целата состојба се одразува одливот на работоспособна сила во странство.
“Намалената стапка на невработеност е резултат на неколку мерки, односно фактори. Најпрво, тука се вработувањата во администрацијата. Потоа следуваат мерките на Владата за вработување во приватниот сектор, кои се нарекуваат активни мерки но тие имаат краткорочен ефект и се со буџетска поддршка. Сега се случува и операцијата за трансформација на вработени во државен сектор, и сите овие мерки имаа повеќе козметичка отколку економска димензија“, изјави неодамна универзитескиот професор Ванчо Узунов.

Економскиот истражувач Јовановиќ смета дека растот на вработеноста што го регистрираше државниот Завод за статистика се објаснува не со “нови“ вработувања туку со премин на веќе ангажираните работници од неформалната во формалната економија.
“Оттука, моето објаснување е дека овој раст се должи на премин од неформална во формална вработеност, т.е. на намалување на сивата економија. Добро е познато дека сивата економија е најмногу застапена во трговијата. Тие што до сега не била пријавени, одеднаш ги пријавиле. Ова е во согласност со оној мој труд во кој аргументирам дека една од главните причини за намалувањето на невработеноста во времето на оваа влада е токму преминот од неформална во формална вработеност“, вели за Порталб Јовановиќ и додава:

“Зошто работодавачите одеднаш би почнале да ги пријавуваат оние кои работеле како непријавени до сега? Заради „Македонија вработува“. Овој проект почна токму во овој период. Со него целосно се ослободуваат од придонеси (понекогаш и од персоналец) одредени категории вработени. Растот на вработеноста ос 12.000 генерално се поклопува со бројките на Владата, од околу 10.500 вработени преку „Македонија вработува“. Така што, сумирано, овој пат би се сложил со Владата – да, растот на вработеноста е заради „Македонија вработува“, но тоа не се вистински вработувања, тоа е само пријавување на оние кои до сега работеле на сиво“.

Каква е состојбата пак со невработеноста? Додека за девет месеци, вработеноста се зголемила за 15 334 нови вработувања, во истиот период невработеноста се намалила за Од друга страна, во анализираниот период, бројот на невработени е намален за 25 579, разликата меѓу зголемената вработеност и намалената невработеност изнесува нешто повеќе од 10 000 луѓе.

За годинава преку Оперативниот план на Агенцијата за вработување е планирано да се потрошат 8,5 милиони евра за зголемување на вработеноста, односно намалување на сиромаштијата, која е најдлабока токму кај категоријата на невработени лица. Според податоците што ги соопшти министерот за финансии Зоран Ставрески, годинава странските компании отвориле 16 000 нови работни места, додека со проектот “Македонија вработува“, домашните фирми вработиле 10 400 лица а дополнително, со користење на останатите мерки што ги нуди Агенцијата за вработување, се отвориле уште 24 000 работни места.

Иако податоците покажуваат намалување на невработеноста, и натаму јазот меѓу вработените и невработените бавно се намалува. Имено во 2010 година 2,2 вработени издржувале еден невработен. Сега, на 2,9 вработени има еден невработен, што според економистите овој сооднос и натаму укажува на лошите услови на пазарот на труд и сеуште пристутниот хроничен проблем кој Македонија ја вбројува во групата на земји со најголем број на невработени.

Порталб