ЏАФЕРИ ЌЕ ПРЕДЛОЖИ ЦЕЛОСЕН СОСТАВ НА ВЛАДАТА АКО ОД ВМРО-ДПМНЕ МУ ДОСТАВАТ КАНДИДАТИ ЗА МИНИСТРИ И ЗАМЕНИЦИ

0
227

Ако од ВМРО-ДПМНЕ достават предлози за министри и дополнителни заменик-министри до Талат Џафери, тогаш тој како иден мандатар на техничката влада, до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада, изјави Џафери.

Неговата изјава следи по онаа на премиерот Димитар Ковачевски, кој пред пет дена рече дека министерските и дополнителните заменик-министерски места кои со закон ѝ следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.

Џафери ги нагласи роковите и динамиката на работа на Собранието кои почнуваат да течат од утре, а треба да завршат до 28 јануари на полноќ, до кога треба да биде избрана техничката влада.„Утрешниот ден е денот ’Д’ за поднесување оставки. Договоривме дека од утре настапуваат роковите за поднесување оставки и за отворање пат за одржување седница за констатирање на оставките и за известување на претседателот на државата дека Владата е во оставка. Потоа ќе го овластам потпретседателот на Собранието Горан Мисовски да ја води седницата на 26 јануари, в петок, и потоа ќе поднесам оставка“ рече Џафери.