ЌУЧУК : ПРИТИСОКОТ ВРЗ БУГАРИЈА Е ЛЕГИТИМЕН, АКО НЕ СЕ КРЕНЕ ВЕТОТО ЗА С.МАКЕДОНИЈА ЌЕ ЗАБАВИ РАЗВОЈОТ НА РЕГИОНОТ

0
705

Доколку Бугарија не даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, тоа ќе резултира со забавување на развојот на регионот, што во никој случај нема да биде од полза за меѓународниот имиџ на Софија, оцени изјави бугарскиот европратеник Илхан Ќучук на конференцијата „Либералите за иднината на Европа – Од конференција до европски реформи“ што се одржа во бугарскиот главен град, јави МИА од Софија.

Ќучук истакна дека ЕУ очекува Софија да даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на земјава во Унијата, додавајќи дека не постои начин како да им се објасни на идните генерации во Бугарија дека Албанија може да го започне преговарачки процес, а на „оние што ги дефинираме како браќа и имаме легитимна причина да бидеме историски многу блиски, им ја одземаме можноста да бидат дел од ЕУ“.

Ќучук смета дека ако постои притисок од европските институции врз Бугарија, тоа не претставува надворешен, туку легитимен притисок, бидејќи и бугарскиот премиер Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска се дел од преговарачкиот процес на ЕУ.

Според Ќучук, Бугарија и Република Северна Македонија мора да се вратат на прагматичен пристап и да ги најдат сите можни дипломатски и политички решенија за билатералното прашање.

Тој е дециден дека ЕК може да обезбеди доволно гаранции за почитување човековите права и слободи, но истакна дека историските прашања се многу болни за ЕУ. Според него, едно прашање е вклучувањето на македонските Бугари во Уставот на земјава, а сосема друго е нивното функционално интегрирање во општеството.