ЌЕ ВЕ ПОБЕДИМЕ СО 60-120 ИЛЈАДИ ГЛАСОВИ РАЗЛИКА, МУ КАЖА ЗАЕВ НА ЃОРЧЕВ ВО СОБРАНИЕТО

0
1117

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска во Собранието рече дека огромна група неопределени гласачи се ежи од помислата дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт. (Фото: К. Попов)

Меѓу 60 и 120 илјади гласови разлика ќе ве победиме на претстојните парламентарни избори, му одговори премиерот Зоран Заев на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев на седницата за пратенички прашања. Ѓорчев го праша Заев дали ќе се повлече од политиката и од лидерската позиција во СДСМ ако ги изгуби изборите на 12 април.

„Меѓу 60 и 120 илјади гласови разлика ќе ве победиме на претстојните парламентарни избори, коалицијата на СДСМ наспроти коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, зависно од политиките, четири месеци има до тогаш. Тоа ќе се случи не затоа што сум прогнозер, туку заради вашите политики, заради искрените, чесните, одговорните и храбрите политики на оваа влада, заради слободата и демократијата што ја овозможивме. Ако ги гледате сите тие анкетите и анализи, дури и тие на вашите институти, 100%. Таа огромна група неопределени гласачи се ежи од помислата дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт заради ароганција, дрскост, безобразие, закана. Кому му треба тоа? Луѓето сакаат питомост, кроткост, транспарентност, одговорност, прифаќање вини. Нашите анкети покажуваат дека победуваме, вашите не знам што ви покажуваат. Јас ви покажувам какви ќе бидат резултатите на изборите“, кажа Заев.

На прашање на Ѓорчев, дали Заев ќе прифати ТВ-дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Заев одговори:

„21. век сме, национализми не поминуваат, популизми голи, закани за уништување на Преспанскиот договор. Ако имаме 80 пратеници, никогаш нема да имате 80 пратеници. Кажете го вашиот став, дали ќе го поништите или Преспанскиот договор, просто ко пасуљ. Едноставно кажете го, да знае народот. Се одговара тоа прашање, тоа се кажува на ТВ-дуел“, рече Заев од собраниската говорница.