Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето поздравно обраќање на свеченото отворање на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Охрид порача дека „континуираното повеќедецениско одржувањето на оваа школа е потврда за живиот научен интерес за македонскиот јазик како словенски јазик и дел од Балканскиот јазичен сојуз, за преокупацијата не само на лингвистиката туку и на научната мисла воопшто, со неговите корени, историски, јазични и други аспекти“.
Тој додаде дека годинава, кога се чествува големиот јубилеј 75 години од основањето на најстариот државен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Семинарот кој се одржува во една од колевките на славјанството, во градот полн со духовна и културна симболика, древниот Охрид, ги одбележува и значајните јубилеи на великаните на македонската наука и култура: 150 години од раѓањето на македонскиот великан – филолог, кодификатор, етнограф и публицист Крсте Мисирков; 95 години од раѓањето на поетот, есеист и литературен критичар Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на неповторливиот поет, романописец и драмски автор Петре М. Андреевски.
Тој изрази убедување дека тие ќе дадат значаен придонес кон изучувањето на македонскиот јазик, а со тоа и кон афирмацијата на нашата нација и националниот идентитет на Република Македонија како членка на меѓународната заедница. На отворањето во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се обратија и претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, министерката за образование и наука Весна Јаневска, ректорката на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.