Изземање на целото обвинителство во случајот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панлче Жежовски побара денеска првообвинетиот Љупчо Палевски. Во образложението барањето Палевски пред судот рече дека ниту 420 дена по убиствата, обвинителството не го обезбедило оружјето со кое тие се извршени. Палевски обвини и дека кај еден од обвинетите Боре Видевски, бил пронајден пиштол што одговара на описот на оној со кој се убиени Вања и Панче, но дека тоа не е приложено во листата на докази на обвинителството. И одбраната на Палевски тврди дека обвинителството води хајка против него.
„Имајќи во предвид како што наведе и обвинетиот дека сведоците предложени од одбраната 10 пати беа прашани дали Љупчо Палевски има пиштол, а никој друг од обвинетите да не бидат прашани, да не биде извршена таа проверка, сметавме дека некои работи коишто ги презема обвинителството укажуваат на тоа дека се прави обид по било која цена Љупчо Палевски да се доведе во поврзаност со ова кривично дело„, рече Марјан Витановски, адвокат на првообвинетиот Љупчо Палевски .
На обвинителите пак не им е јасно како Палевски ги има списите од сведочењата во обвинителството, но велат дека нема никакво сомнение дека Палевски е виновен.
„Обвинителството има преземено доволно дејствија, сите наводи му се неосновани, доказите се приложени во списите во предметот и очигледно е дека со презентирањето на видео записите се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија ги преземал конкретно обвинетиот Љупчо Палевски кој цело време негира дека учествувал во предметните настани„, рече Жаклина Крстевска Јосифовска, обвинителка .
Судијата Ивица Стефановски откако го прими барањето за изземање на обвинителството од овој случај го одложи денешното рочиште и го закажа следното за 3-ти февруари, до кога обвинителството на чело со државниот обвинител Љупчо Коцевски ќе има рок да се произнесе по однос на барањето на одбраната.
Извор: Алсат.МК