ЉУБЕ БОШКОВСКИ СО ПИСМО СЕ ОБРАТИ ДО ЈАВНОСТА : Не сум се откажал и нема да се откажам од борбата за слободна Македонија

0
1390

Љубе Бошкоски им се обрати со писмо на неговите поддржувачи. Писмото го објавуваме во целост:

„Почитувани, ви благодарам на илјадниците честитки упатени до мене, ви благодарам од длабочината на моето македонско срце. Ова се големи денови за мене после толку робување поради правосудните неправди кои ми беа нанесени.

Сè уште се привикнувам на слободата и во овие денови приоритет ми е моето семејство, мојата ќерка, синови и сопруга кои се бореа за мене во годините на долгото заточеништво предизвикано од туѓата нечиста совест.

Сега тука сум да пробам барем малку да им надоместам еден мал дел од пропуштеното и ве молам од длабочината на моето срце да ме разберете. Семејството е најсветото нешто на светот на секој човек.

Сега со целото мое семејство заедно сме во мојот роден Челопек и желба ми е и сон подолго да сме заедно ова лето и по десетте години самување да го поделам времето со нив.

Семејството е столбот на општеството. Тоа е нешто од каде потекнува сета љубов и топлина и дава сила на човекот за понатамошната борба. Тоа е она што го прави секој човек среќен и спокоен. Домот е целосен кога семејството е цело.

Не сум се откажал и нема да се откажам од борбата за слободна Македонија. Доаѓаат тешки денови, денови кога мора сите заедно да сме сплотени и да ја донесеме Македонија на правиот пат.

Уште еднаш големо благодарам за вашата поддршка која ми даваше сила да издржам.

Да живее нашата вечна и бесмртна Македонија!

Ваш брат, Љубе Бошкоски“