Југослав Петровски: Тони, ти не си веќе ШАНАЦ – Кумановски, туку ЕНДЕК – Протоѓеровски!

0
1351

Шанац!? Дали пред безволните и принудени „партиско-груевистички“ туристи, тука во Скопје, пред тие 500 “мозочно-пасивни“ души, тие уценети, приморани, заблудени, веројатно и непрошетани – неизлезени подалеку од ареалот на нивниот атар – ти одржа говор? И тоа во царскиот град – токму под прозорецот на Царот. Веројатно во обид да му ја излекувате манијакалната депресија и забеганата умисла дека тој е автохтон наследник на Аце Велики.

Е, тој твојот “ говор“, секако ќе стане “историски“ (што немој веднаш да го сфатиш како комплимент, туку напротив). Оти Тони, се засрамив поради твојот срам, и колку да се кочев, не можев, а да не ти упатам неколку збора. Зборови од човекот чие мислење, некогаш, во некои прогресивни, слободарски, и уметнички продуховени времиња, ги примаше како совет. Исто како и јас твоите. Некогашното пријателство од полетната студентска и пост-студенска младост ме обврзува да бидам искрен и да не “ставам зборови во бели ракавици“.

Твојот говор нема да биде запаметен по тоа што беше ораторска тријада составена од “квази патриотски“ пуфки. Не, тоа не беа ни пуфки, туку беа прдежи во кои ама веќе никој не верува, па дури ни вашите “термито-сендвички“ идолопоклоници и тотемисти кои паѓаат во транс при самото споменување на името на вашиот Вожд.

Твојот рингишпил од тези веќе не ги зашеметуваат до таа мера за да паднат во “пајдучки“ транс следбениците – поклониците на вашите алаш-вараш магионичарски трикови од типот: „претвори го УБК во жолто комбе“, „претвори балкански бос за криминал и дрога во браник на татковината“, „претвори најсовршена опрема за прислушкување во ситно сецкана салата (пресувана, сечена, мелена) вредна само 1 денар“… Сите тие “контра-протест туристи“, повеќе не ви веруваат. Прочитани сте дури и од нив! Тие едноставно мора да се поврткаат дур ти “тамо нешто певаш“ оти тие се таму приведени. Се наслушав сведоштва на такви паталци, кои од фабриките по провинција биле буквално приведени за вашиот ГДОМСКИ контра-протест. Греота се Тони, оставете ги, почитувајте им ја слободната волја!

Но, да се вратиме на твоето обраќање кон овие луѓе, на твојот говор пријателе некогашен, а сега бранителу на апсурдот и криминалот на убедливо најголемите и најсвирепи автократи и криминалци на векот.

Во овој момент, никако, под никакви услови не би седнал на кафе муабет со тебе… Не и Не! Ти стори ТАКА ДА БИДЕ! Оти ти не си веке ШАНАЦ – Кумановски, туку си станат ЕНДЕК – Протоѓеровски! Здивеа зборовите во мене, што подолго време тажат на твојата судбина (долгорочна судбина). За ситни дарови се продаде на срозувачите на македонската култура, уметност и државност! За ситни трошки од царската трпеза, трошки во облик на станчиња, хонорарчиња, поради канење на црвено-теписни коктели со Бети, а можеби и со Хорхе, а кратко ама кратко – дури и со Св. Никола Груевски Економскиот Чудотворец. Со што уште ти ги платија непријатните “фекални конзумации“ кои воопшто немаат допирна точка, не само со вистината, туку и со здравата логика? Да видиме: директорување, централен регистар за да се дополнат “скромните“ домашни приходи, судената гремиорна сега е “трансформирана“ во луксузна канцеларија (“од кувано дрво“) , тапшање по раменици и дури те канат и на нивниот конгрес! Е па што друго еден уметник, еден интелектуалец, може да посака од животот! Животот ти е сон, Тони, ти завидуваме – затоа сме вака злобни и цинични? Така ли е?

Е сега, стасавме до поентата, до кулминацијата! Тоа што ја проби мојата брана и се решив да ти се обратам на ваков начин – твојот говор! Прво – тоа немаше никаква врска со ораторство, типично штабски говор – значи да му е срам на актерот и да го промумља… Ајде тоа, но твојот говор беше поопинчена парафраза на гебелсовите говори – говореше за “конечно решение“, за “лов на “вештерки – т.е. – прогон и осмислена и планска ликвидација на “неистомисленици“!!! Твојот “велелепен говор“ е веројатно случаен фалсификат, бледа копија, на оние најкрволочните, војно-мотивирачките, “историските говори“ на Милошевиќ, Гебелс, Шешељ, Туѓман, Караџиќ… Велиш – „Да ја спасиме Македонија од војна“, а од друга страна – да ги убиеме, т.е. да не им дозволиме да дишат оние “онаквите“ Македонци?!?

Оти те знам! Во “раните денови“ – бевме повеќе од колеги, повеќе од пријатели, повеќе од кумановци-земјаци, повеќе од браќа – а сега? Сега Тони се обидуваш да одбраниш необранливи тези, а неодбранливи се – оти се проѕирни како кришка сиромашен леб на децата од бројно-безбројно семејство на гладни усти. И таквите деца се сега со нас… вистинските живи споменици на вашата политика во овие девет години – девет години, сосем налик на девете кругови на “пеколот“ од Данте.

Тони, како од најдобар македонски актер – стана дворски шут на „царчето Николчо“ со “трајански уши“?  А „ушите трајанови“ на Вашиот Вожд – царот Николај се неговите тајни провизии, сметки насекаде по најрасипаните ќошиња од овој бел свет, парцели, мерцедеси, сваровски судии, прислушкување на цела држава, фингирани војни, деградација и партизација на сите институции на системот… Деспотот сигурно ги повратил сите овие сторени гадости во некоја дупка, или поточно ендек. Сега останува СЈО да ја најдат “трајановата јама“ на царот Николај и СЈО да ги раздели свирчињата низ народот: “Во царот Николај – козји уши! Во царот Николај – барокот му се руши!!!“

Како? Зошто стана „шут на Николај“? Извини, тешко ќе можам тоа да ти го простам. Којзнае што носи утрешниот ден, но тоа? Сепак, не! Не мора да ми одговориш. Не мора да ми реплицираш. Во еден период од мојот живот, кога тој се обидуваше да стане твој колега актер, го имам гледано и оценувано како член на жири, на аматерски фестивал кога тој нешто “носеше тацна“ во аматерско-дилетантската театарска групичка по име “Металија“ (кованица меѓу театарската муза „Талија“ и Металски Завод – ТИТО, фабрика која им фрлаше пари за нивните театарски небулози). Е, тогаш, сите тие “металици“ – глумци, на чело со Никола Груевски, сите редум, им ги бацуваа “комуњарските“ раце на нивните спонзори. Бацуваа којзнае чии комуњарски раце, па статираа, дел од аматерите од “Металија“, и во неколку епизодни појави во професионални престави во драмски.

Аууу да!!! Напишав толкав текст, а всушност, “драг мој Тони“, понесен од твојот говор, сакам, просто горам од желба да те прашам нешто. На крај од говорот рече: „И нема да им дадеме ни да дишат…“.

Нема да има воздух за дишење за душманите, рече и остана жив. А како што ги набројуваше „душманите“, меѓу нив се препознав и јас, препознав и едно 200 мои колеги театарџии, а понатаму и уште барем пола милион граѓани на Македонија. Па Тони, да прашам, еве веќе два – три дена не дишам! Сеуште не ми е дозволено да дишам или може да продолжам?

Југослав Петровски

Извор: Слободна.мк