ЈА ПРИЗНАЛ ВИНАТА И ДОБИ 2 ГОДИНИ ЗАТВОР ЕДЕН ОД 14-ТЕ ВЕЛЕШАНИ ОБВИНЕТИ ЗА СЕКСУАЛНА ЗЛОУПОТРЕБА НА 15-ГОДИШНО ДЕТЕ

0
448

Судењето на останатите 13 лица започна на 19 септември во Основен кривичен суд Скопје. (Фото: СДК.МК)

Еден од 14-те обвинети велешани, кои се товарат по различни кривични дела за сексуалната злоупотреба на 15-годишно дете од Велес, го признал делото и Основен кривичен суд Скопје му изрече затворска казна.„Обвинетиот Р. А. (27 ) од Велес, обвинет за кривичното дело Силување од чл. 186 ст.2 вв ст.1 ја призна вината и досудена му е неправосилна пресуда од 2 години затвор. На лицето му е определен куќен притвор до правосилноста на пресудата, а за сите останати постапката продолжува со исклучена јавност по предлог на јавниот обвинител“, соопштија од Основен кривичен суд Скопје.

Судењето на останатите 13 лица започна на 19 септември. Тројца се обвинети за „Трговија со дете“, дел се товарат за кривично дело „Полов напад“ или „Силување“ а еден за „Производство и дистрибуција на детска порнографија“. Сите се на возраст од 20 до 30 години.Групата била откриена откако на тетовец, во случај со дистрибуција на дрога, му бил одземен телефонот како доказно средство. Меѓу материјалите во него, била пронајдена и снимка од детето од Велес.

„Првообвинетиот С. Д., дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето-жртва им овозможил на останатите обвинети и на други НН лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија. Тој, во декември 2021 година преку апликацијата Инстаграм остварил комуникација со петнаесетгодишното девојче – жртва на трговија со луѓе и по неколку неделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првообвинетиот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед.

На овој начин, првообвинетиот го принудувал детето – жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале осомничени и други НН машки лица, кои прво консумирале наркотична дрога и алкохолни пијалаци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето – жртва и користеле сексуални услуги иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе“, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал кога ги притворија тогаш осомничените лица.

Членовите на семејствата на обвинетите велат дека нивните деца се жртви на завера и уцена од одредени кругови.
„Ако е така како што вели Обвинителството, одговорност треба да има и за родителите на детето. Ја контролирале ли тие каде одела, со кого се дружела, зошто доаѓала доцна дома или не доаѓала?“, вели мајка на еден од обвинетите.Продолжението на расправите од судскиот процес е затворено за јавноста, по барање на Обвинителството.

Извор : СДК.МК