Повисоки плати за наставниците ќе има кога ќе се создадат буџетски услови за тоа, а Министерството за образование и наука бара од нив и оваа учебна година да продолжат да придонесуваат за знаењето на учениците, рече министерката Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање, додавајќи дека како наставник точно ги знае проблемите и предизвиците со кои се соочуваат наставниците. „Верувам дека наставниците знаат и се длабоко убедени дека ако некој сака тие да имаат подобар стандард, тоа сме јас како министер и нашата Влада.
Јас не сакам да им се покачи платата 3%, сакам да им се покачи платата 30% уште утре, кога тоа би било можно. Она што го наследивме во Буџетот на МОН е цел едногодишен буџет истрошен за половина година. Необезбедени плати за наставници, за професори, неисплатена помош на ученици, неисплатени стипендии на студенти, неисплатени превози за училиштата, кон општините, необезбедени учебници за повеќе години и за повеќе предмети, неисплатени обврски за лиценци Фулбрајт, ПИСА и кон други странски партнери, студентски домови во распад, ученички домови во распад“, посочи Јаневска.