Фото : Слободен Печат
Катастрофална е состојбата која ја затекнавме во поголем дел од ученичките и студентските домови, а создадена во време на претходната Влада. Во некои од домовите има сериозни индиции за криминал и ќе поведеме соодветни постапки за да се побара одговорност од досегашните директори, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
„Ќе го посочам студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, каде нема топла вода и храна, а вработените не зеле плата, затоа што создаден е долг од 34 милиони денари. Но, спречивме целосен колапс, интервентно издвоивме пет милиони денари, за да можат да се исплатат барем платите и да се обезбеди здравствено осигурување“, рече Јаневска, додавајќи дека и државниот ревизор констатирал доста забелешки за работењето на претходната Влада во делот на ученичкиот и студентскиот стандард.
„Откриен е и случај во кој директор на домот купувал пилешко месо на големо по цена од 570 денари за килограм, иако малопродажната цена во маркетите била 270 денари и децата повторно реагирале дека не добивале доволна количина на храна“, информираше министерката.
Таа додаде дека се срами од условите кои ги видела во ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес, каде капацитетот од 300 легла е пополнет само со 100 студенти, затоа што најголем дел од собите се тотално руинирани, како и санитарните јазли.
„За пет месеци направивме многу повеќе отколку претходната Влада за седум години. Но, не може сé одеднаш. Продолжуваме да работиме во интерес на младите и за нив ќе обезбедуваме доволно средства“, рече Јаневска.